Таравари: Националистичкиот пристап на ВМРО нè враќа во менталитетот на комунизмот

„Францускиот предлог беше политички искористен од ВМРО за привлекување на гласачи, но суштината е договорот помеѓу Македонија и ЕУ. Време е премиерот да најде начин да продолжат преговорите, бидејќи земјата стагнира. Интеграцијата е во интерес на сите – Македонци, Албанци и другите заедници“, изјави Таравари.

Претседателот на Алијансата за Албанците и поранешен министер за здравство, Арбен Таравари, во подкастот „Интеркултура“ на ИМА со Роберт Алаѓозовски зборуваше за причините за напуштање на владината коалиција, состојбата со правата на заедниците, социјалната кохезија, меѓуетничките и интеркултурните односи, како и за блокадата на европските интеграции.

Тој истакна дека, иако меѓуетничките односи не беа директна причина, тие се една од главните причини за напуштање на владината коалиција. Таравари објасни дека укинувањето на балансерот и непочитувањето на претходните договори за законот за правична застапеност беа показатели дека партнерството не функционира.

„За да бидам искрен, тоа не е директната причина, но е една од причините – да, тоа е вистина. Имавме договор помеѓу четирите партии на ВЛЕН и премиерот за закон подготвен од Алијансата за Албанците, кој ќе обезбеди правична застапеност за сите заедници. Се кажа дека ќе се усвои во декември, но поминаа месеци и законот сè уште не е донесен“, истакна Таравари.

Тој го критикуваше пристапот на актуелната влада, особено на премиерот Христијан Мицкоски, споредувајќи го со менталитетот на поранешниот комунистички систем.

„Кај Албанците, особено, се создава впечаток дека сме се вратиле во комунизмот – кога имаше неколку Албанци на власт, но кои беа послушни кон режимот. Тие беа таму само како декор, без глас и влијание. Ние ја напуштивме владата за да испратиме сигнал дека вака повеќе не може. Партнерството подразбира еднаквост и меѓусебна почит“, истакна Таравари.

Таравари се осврна и на прашањето за уставните измени и европскиот пат на земјата. Тој изјави дека македонската заедница треба да има ексклузивно право да одлучува за прашањата поврзани со идентитетот, но дека целото општество има интерес Северна Македонија да стане дел од Европската унија.

„Францускиот предлог беше политички искористен од ВМРО за привлекување на гласачи, но суштината е договорот помеѓу Македонија и ЕУ. Време е премиерот да најде начин да продолжат преговорите, бидејќи земјата стагнира. Интеграцијата е во интерес на сите – Македонци, Албанци и другите заедници“, изјави Таравари.