Кандидатот на прогресивната Полска победува за влакно на изборите

Според излезната анкета на ИПСОС, емитувана веднаш по затворањето на избирачките места во 21 часот, Тржасковски освоил 50,3 отсто од гласовите, додека кандидатот на десничарските популисти, Карол Навроцки има 49,7 отсто.

Градоначалникот на Варшава и кандидат на владејачката коалиција, Рафал Тржасковски, е на пат да победи во вториот круг на исклучително неизвесните претседателски избори во Полска.

Според излезната анкета на ИПСОС, емитувана веднаш по затворањето на избирачките места во 21 часот, Тржасковски освоил 50,3 отсто од гласовите, додека кандидатот на десничарските популисти, Карол Навроцки има 49,7 отсто. Излезноста беше највиско на кои било претседателски избори – 72,8 проценти.

Ова значи дека битката е исклучително тесна, како што покажуваа анкетите пред гласањето, и резултатот ќе се знае само откако ќе се пребројат сите гласови, вклучително и оние на неколку стотици илјади Полјаци што гласаа во странство.

Излезните анкети се со маргина на грешка од +/- 2 процентни поени. Неточностите произлегуваат, меѓу другото, од грешки во пополнувањето на гласачките ливчиња, давање неточен одговор или одбивање да се учествува во анкетата.

Во втората излезна анкета за Република ТВ, спроведена од „Нејшнвајд рисрчгруп“, Рафал Тржасковски исто така победи, но со помала предност отколку во излезната анкета на ИПСОС.

Тржасковски доби 50,17 проценти, а Навроцки 49,83 проценти.

„За Рафал, цела Полска!“, „Рафал, Рафал!“ — скандираа насобраните во штабот на Рафал Тржасковски. Ова беше првата реакција откако беа објавени резултатите од излезната анкета. —

„Победивме!“, рече Тражасковски. Потоа побара да се скандира името на неговата сопруга. „Во чест на првата дама“, нагласи тој.

„Разлика како со жилет. Од самиот почеток реков дека ќе биде многу тесно. Би сакал да им се заблагодарам на сите полски жени и мажи за секој глас“, рече Рафал Тржасковски.

„Мислам дека сум блиску до срцев удар. Некои од вас веројатно се чувствуваат исто. Сакав многу да ви се заблагодарам, особено на жените“, додаде Малгожата Тржасковска.

Во штабот на Карол Навроцки, активистите го пречекат кандидатот со гласни извици: „Карол, Карол! Карол Навроцки, претседател на Полска!“

Владее атмосфера на очекување и неизвесност, тешко е да се зборува за голема еуфорија. „Се бориме“, им рече Карол Навроцки на своите поддржувачи кога влезе во салата и направи селфи со нив. Се насмевна широко, но не беше многу зборлив.

Предвидената излезност во вториот круг беше 72,8 проценти, што укажува на високо ниво на вклученост на граѓаните во изборот на шеф на државата. Ова е еден од највисоките резултати во историјата на изборите во Полска.

Најголемата излезност на претседателските избори досега беше 68,23 проценти во вториот круг од изборите во 1995 година, кога Александар Квашњевски го победи Лех Валенса. Рекордот на сите времиња беше урнат на парламентарните избори во 2023 година, од 74,31 процент.