
Мицкоски ја повика ЛДП да помогне, таа бара средба со него за патот кон ЕУ
Откако денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница ги повика СДСМ и ЛДП (споменувајќи ја директно лидерката Моника Зајкова) да помогнат во лобирањето за извештајот на Европскиот парламент, тој доби брз одговор од либерал-демократите.
Откако денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница ги повика СДСМ и ЛДП (споменувајќи ја директно лидерката Моника Зајкова) да помогнат во лобирањето за извештајот на Европскиот парламент, тој доби брз одговор од либерал-демократите. Во него ЛДП бара итна средба со премиерот за да бидат информирани какви напори вложил досега и каква е стратегијата на владата во последните месеци за одблокирање на запрениот пат кон ЕУ.
„Со оглед на тоа што премиерот го оцени како позитивно и значајно влијанието на ЛДП, ќе иницираме итна средба со премиерот и неговиот тим за меѓународна соработка на највисоко ниво за да разбереме какви сѐ напори вложи и која е стратегијата на владата во последните месеци, но и каква е моменталната состојба и како можеме ние искрено да помогнеме во овој процес. Премиерот беше во право денес кога во Парламентот на одговор на пратеничко прашање истакна дека ЛДП е една од ретките партии во земјата и во Собраниетo што е целосно интегрирана во европското и меѓународното политичко семејство и може да помогне“.
ЛДП вели дека отсекогаш се се залагала за заштита на националниот интерес, вклучително националниот идентитет. „Ова не е прашање за освојување политички поени и никогаш не треба да биде. Можеби така било во минатото, можеби се направени грешки, но народот се изјасни на изборите и не сака да го гледа ова прашање како точка каде што политичките партии ќе добијат поддршка или казна. Политичките надмудрувања и кавги ќе доведат до влошување на позицијата на земјата и внатрешен пораст на национализмот и популизмот, што ќе го попречи економскиот просперитет и развој. Лекцијата дадена од народот за ЛДП е јасна и таа мора да биде научена од сите“, се вели во соопштението на ЛДП.