
Судот го ослободи поранешниот австриски канцелар од обвиненијата за лажно сведочење
Суд во Виена денеска го ослободи поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц од обвиненијата за лажно сведочење во парламентарната истрага за наводна корупција во неговата влада, со што ја преиначи минатогодишната пресуда со која беше осуден на условна затворска казна.
Суд во Виена денеска го ослободи поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц од обвиненијата за лажно сведочење во парламентарната истрага за наводна корупција во неговата влада, со што ја преиначи минатогодишната пресуда со која беше осуден на условна затворска казна.
Случајот се однесува на неговото сведочење во истрагата за постапувањето на коалицијата на Австриската народна партија и Слободарската партија, која тој ја предводеше од 2017 година, кога стана канцелар, до нејзиното расформирање во 2019 година.
Курц во јуни 2020 година беше обвинет за давање лажни докази за неговата улога во основањето на холдинг компанијата „ÖBag“ и при именувањето на неговиот поранешен човек од доверба Томас Шмид во нејзиното раководство.
Во 2024 година, тој беше прогласен за виновен за давање лажни изјави за тоа и тогаш му беше изречена условна казна од осум месеци затвор.
Тоа судење беше прво за некој австриски канцелар во повеќе од 30 години.
Судиите денеска ја потврдија пресудата на Бернхард Бонели, поранешен шеф на кабинетот на Себастијан Курц, за давање лажна изјава во таа парламентарна истрага. Тој минатата година беше осуден на шест месеци условно.
Курц го прекина својот прв мандат откако беше објавена снимка на која тогашниот вицеканцелар и лидер на Слободарската партија, Хајнц-Кристијан Штрахе, нуди услуги на наводен руски инвеститор.
Курц се врати на власт во 2020 година во нова коалиција со партијата Зелени на Австрија, а оставка поднесе во 2021 година и престана да се занимава со политика, откако обвинителите објавија дека против него се води истрага поради сомнеж за поткуп и повреда на доверба, што тој исто така го негираше.