
Лидерите на четири земји телефонски разговарале со Трамп пред неговиот разговор со Путин
Лидерите на Франција, Велика Британија, Германија и Италија вчера телефонски разговарале со претседателот на САД Доналд Трамп во пресрет на неговиот денешен разговор со рускиот претседател Владимир Путин во обид да се стави крај на конфликтот во Украина, соопшти британската влада.
Лидерите на Франција, Велика Британија, Германија и Италија вчера телефонски разговарале со претседателот на САД Доналд Трамп во пресрет на неговиот денешен разговор со рускиот претседател Владимир Путин во обид да се стави крај на конфликтот во Украина, соопшти британската влада.
Шефовите на држави и влади „разговарале за ситуацијата во Украина и катастрофалната цена на војната за двете страни“, изјави неименуван портпарол на британскиот премиер Кир Стармер.
– Пред разговорот на претседателот Трамп со претседателот Путин, лидерите дискутираа за потребата од безусловен прекин на огнот и потребата претседателот Путин сериозно да ги сфати мировните преговори, додаде тој.
По разговорите меѓу Киев и Москва во Истанбул во петокот, шефовите на држави и влади „исто така разговараа за употреба на санкции доколку Русија сериозно не се вклучи во прекин на огнот и мировни преговори“, наведе британската влада.
– Претседателот Путин утре треба да докаже дека навистина сака мир и да го прифати безусловниот 30-дневен прекин на огнот предложен од претседателот Трамп, а поддржан од Украина и Европа, напиша францускиот претседател Емануел Макрон на X.
– Европејците и Американците се одлучни заедно да работат на насочен начин за брзо завршување на оваа страшна војна, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера по првата миса на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV.
Мерц додаде дека се направени „некои мали чекори напред во последните денови, бидејќи завојуваните страни разговараат една со друга“. Германскиот канцелар го изјави тоа два дена по првите разговори од пролетта 2022 година кои не резултираа со примирје.
Францускиот, британскиот и германскиот лидер веќе разговараа во петокот со Трамп, како и со полскиот премиер Доналд Туск.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата во Рим разговараше со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс „околу половина час“ по средбата со папата.