
Промоција на романот „Неколку тишини подоцна“ од Ана Стојаноска
Најновиот роман на Ана Стојаноска - „Неколку тишини подоцна“ денеска ќе биде промовиран на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Најновиот роман на Ана Стојаноска – „Неколку тишини подоцна“ денеска ќе биде промовиран на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Како што информира Издавачката куќа „Полица“, она што го издвојува романот „Неколку тишини подоцна“ е лиричната структура и ритмичноста која во себе намерно ја крие суровоста на светот што исчезнува. Станува збор за дистописки роман, структуриран/компониран како симфонија, што е првпат во македонската литература да се искористи ваквиот начин на структурирање на наративната мрежа. Паралелно раскажува неколку различни приказни, на неколку различни места на земјината топка, каде главните ликови се соочуваат со голема пандемија по короната, со крах на економскиот систем и дигиталните валути, како и со падот на човечките заедници.
Романот ја раскажува приказната низ неколку различни перспективи за да не донесе до крајот на светот. Ликовите се носители на неколку главни топоси во процесот на зачувувањето на човештвото од неизбежното рушење. Како што е тоа вообичаено за жанрот, покажано е на кој начин почнува крајот и на кој начин се прават обидите не да се спречи, туку да се уништи во целост. Во романот се посочува улогата на фармацевтската индустрија, големите финансиски фондови, лични приказни и улогата на дарквебот, како и една поморска приказна која на некаков начин ги спојува сите во една.
Промотори на романот ќе бидат професорката Лидија Капушевска-Дракулевска и писателот Владимир Јанковски, а извадоци ќе читаат Верица Ацеска, Ангела Стојановска и Филип Трајковиќ.