Лимани: Најмалку четири пратеници од АА остануваат во владејачкото мнозинство

Министерот денеска, во одговор на новинарски прашања, рече дека легитимитетот на нивната коалиција се темели на принципите на демократски изборен процес.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, во однос на политичките случувања и излегувањето на крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари од владината коалиција, вели дека тоа нема да влијае на мнозинството во парламентот. Тој денеска рече дека најмалку четворица пратеници од Алијанса за Албанците (АА) ќе се приклучат во редовите на владејачкото мнозинство.

„Грешка се ако мислат дека дел од пратениците на Алијанса за Албанците би преминале кон фронтот бидејќи дел од нив ќе останат со Владата. Најмалку четири пратеници од нивните редови ќе преминат во делот на владејачкото мнозинство“, вели Лимани.

Министерот денеска, во одговор на новинарски прашања, рече дека легитимитетот на нивната коалиција се темели на принципите на демократски изборен процес. Тој изрази сомнеж во легитимитетот на претходните изборни кампањи, посочувајќи на наводни поткупувања на гласови и разни видови притисоци.

„Мојот впечаток и на мнозинството од граѓаните е дека во минатите изборни кампањи гласовите се откупувале и се добивале под разни притисоци. Не знам дали со овие механизми можат да се повикуваат на легитимитет“, рече Лимани на денешната прес-конференција со турскиот амбасадор Фатих Улусој.

Тој апелираше до секој пратеник, како што рече, кој мисли дека треба да се вратат на вредностите на семејството, да им дадат можност на новата влада во следните четири години да се обиде да ги поврати тие вредности и да застане на браникот против иселувањето на младите.

„Да ни дадат можност овие четири години да се обидуваме да ги повратиме вредностите и да бидеме на браникот да не ни ги избркаат младите кои веќе 25 години живеат надвор од земјава и таму создаваат семејства“, порача Лимани.

Лимани смета дека оваа влада треба да продолжи да ги спроведува сите предлози што ги има дадено пред гласачите што им верувале.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пак, потврди дека во ВЛЕН се подготвува формирање нова пратеничка група и дека веќе има одлука за нов координатор. Сепак, дополни дека секој пратеник има слобода во донесувањето на одлуката за приклучување кон некоја пратеничка група.

Тој вели дека до сите пратеници ќе биде испратен предлогот и сите што ќе се потпишат ќе бидат дел од таа група.

„Секој пратеник има право да биде дел од пратеничка група или не“, рече Гаши.

Прашан колку пратеници мисли дека ќе се отцепат од Алијанса за Албанците на Таравари, Гаши рече дека не знае, но оти тоа ќе се види според потписите кој ќе се приклучи кон новата пратеничка група.

„Не сакам јас да прејудицирам, немам информација. Знам дека е понудено на сите пратеници да се потпишат, нормално. Сметаме дека тие пратеници што ги добиле гласовите преку коалицијата ВЛЕН треба да останат во ВЛЕН, но одлуката е нивна. Ако Алијанса за Албанците се одлучи да пристапи кон друг политички пакт, тоа е нивно право“, додаде Гаши.

Гаши денеска рече и дека до него сè уште не е стигната оставката од министерот за здравство Арбен Таравари.