Димитриеска-Кочоска: Исплатена третата транша од унгарскиот заем за компаниите
Министерството за финансии соопшти дека денеска од централниот Буџет е префрлена нова транша од 2,5 милијарди денари за поддршка на домашните компании. Средствата се префрлени кон Развојната банка, од каде се трансферираат кон деловните банки преку кои се реализираат средствата од оваа кредитна линија кон крајните корисници – компаниите.

– Денеска инјектираме нови 41,2 милион евра во домашната економија. Со овие средства заедно со двете веќе исплатени транши од вкупно 84,54 милиони евра поттикнуваме значајна инвестициска активност кај домашните компании и домашната економија. Тоа се вкупно 125,7 милиони евра средства кои Владата директно ги вбризга во домашната економија. Тоа се проекти кои ќе дадат значаен инпут врз економскиот раст и кои ќе бидат еден сигнал или чекор кон остварување на проекцијата од 3,7 проценти, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Ова, како што посочува, е трета транша која се префрла од буџетот кон Развојната банка за поддршка на проекти на домашните компаниите од средствата обезбедени од унгарскиот заем од страна на Владата. Вкупно досега се префрлени 125,7 милиони евра во три транши. Компаниите имаат на располагање средства во вкупен износ од 250 милиони евра кои се планирани во Буџетот за 2025 година и за поддршка на своите проекти можат да поднесат барање во деловните банки преку кои се реализира оваа мерка на Владата насочена кон поддршка на домашната економија.
Средствата се пласираат кон компаниите под исклучиво поволни услови, рок на отплата до 15 години, со вклучен грејс период до 3 години и каматна стапка од 1,95 отсто, како и без надоместок за одобрување и управување.