Со напуштањето на владата покажавме колку малку сме корумпирани, велат од АА на Таравари

Алијанса за Албанците оцени оти партијата е во своите најдобри денови и дека е фокусирана на, како што велат, работата кон октомвриската победа, алудирајќи на локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.

Самиот факт што ја напуштивме владата по своја волја јасно покажува колку сме малку корумпирани, а можеби и незамисливо за некои партии на власт. Ова утринава преку писмено соопштение го споделија од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари – коалицискиот партнер во власта кој одлучи партијата да премине во опозиција.

„Алијансата за Албанците будно ги следеше ‘тврдењата“ на ВМРО за нашата партија и нејзиниот претседател. За очекување е во овие тешки денови на оваа влада во неволја, во целосно отсуство на политички аргументи, да има клевети од најапсурден вид. Не сакаме со никакви навреди или псевдообвинувања да ја оптоваруваме ВМРО која во моментов има доволно маки“, велат од АА.

Оценија оти партијата е во своите најдобри денови и дека е фокусирана на, како што велат, работата кон октомвриската победа, алудирајќи на локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.

Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ побараа од Таравари да каже со што е уценет од ДУИ за да излезе од владата.

„Арбен Таравари е уценет човек, цената на таквата уцена треба да се бара во бизнис или друг вид на мотиви. Тој потврди дека не е стабилен партнер со кого може да се гради политика. Треба да им објасни на своите гласачи како сега за него ДУИ е правата вистинска и единствена опција“, велат од владејачката партија.