
Трипуноска: Туризмот во фокус на „Марили бизнис форумот 2025“, годинава 13 менаџерки лауреати за статуетката „Жена водилка“
Агенција „Марили“, истиот ден, на 17 мај, традиционално, по 29. пат ќе ја одржи и манифестацијата „Избор на најуспешни жени“ во чии рамки ќе ги награди најуспешните жени-менаџери од земјата и регионот. За лауреати ќе бидат прогласени 13 менаџерки од кои 11 се Македонија, една е од Србија и една е од Хрватска, а сите ќе добијат статуетка „Жена водилка“.
Туризмот како фактор за економски развој и конкурентност во земјава и регионот е темата на 4. регионален „Марили бизнис форум“ 2025 што ќе се одржи в сабота, на 17 мај, во Скопје. Бизнис форумот предвидува три панел-сесии: „Алтернативни форми на туризам – Рурален развој и одржливост на дестинации како фактори за локален развој“, „Хотелско-туристичка индустрија – Можности, трендови и предизвици“ и „Ено – гастро концепт, автентичен и современ начин на развој на туризмот“.
Како што вели за МИА генералната менаџерка на „Марили“ Лидија Трипуноска која го организира Форумот, модераторите и панелистите ќе бидат од реномирани и докажани македонски и регионални компании. Тие за време на панелите ќе се обидат да дадат одговори на многу прашања и да понудат нови идеи и решенија.
-Вовед во сесиите ќе биде анализата на вицегувернерката Ана Митреска, на тема „Улогата и пристапот до финансирање на малите и средни претпријатија во македонската економија“. Гости на Форумот ќе бидат и членките на Марили бизнис клубот што го сочинуваат најдобрите жени-менаџери кои биле дел од наградените лауреати во изминатите 28 години. Тие даваат поддршка на сите проекти на „Марили“, независно дали станува збор за едукативни или за хуманитарни проекти. Соработуваат, се вмрежуваат и го поддржуваат јакнењето на лидерството, информира Трипуноска.
Агенција „Марили“, истиот ден, на 17 мај, традиционално, по 29. пат ќе ја одржи и манифестацијата „Избор на најуспешни жени“ во чии рамки ќе ги награди најуспешните жени-менаџери од земјата и регионот. За лауреати ќе бидат прогласени 13 менаџерки кои оставиле длабок печат со својата работа и труд. Од нив 11 се Македонија, една е од Србија и една е од Хрватска, а сите ќе добијат статуетка „Жена водилка“.
-Целта на манифестацијата, покрај ревијалниот карактер, е поттик за идните млади генерации, особено девојки, да се охрабрат, да веруваат во себе и со знаење, постојано надградување и чесност да чекорат низ сите животни предизвици и да успеваат на сите полиња. Манифестацијата години наназад претставува јакнење на женското претприемништво и лидерство, особено во застапеноста на жените на лидерските и одлучувачките позиции, нешто на што треба континуирано да се работи. Нивната борба за родова рамноправност во општеството и бизнисот треба да им биде водилка низ животот, тие треба да бидат пример и поттик за генерациите што доаѓаат, нагласува Трипуноска.
Годинашни лауреати се Анита Атанасовска – генерален менаџер на „Супериор Лукс“ Скопје, Стевка Василева – генерален менаџер на ПЗУ „Д-р Александар и д-р Методи Белушкови“ Радовиш, Дафинка Ивановска – извршен менаџер и Рубинов директор во „тианДе“ Ревитал Козметикс“ Скопје, Оливера Клинчарова – претседател на Одбор на директори во „Делта ИНС Брокер АД Скопје“, Даниела Михајловска – генерален менаџер во „Дајмонд Дентал и Естетик Центар“ Скопје и Гостивар, Елена Лотеска Наумовска – генерален менаџер во „Брод Армада“ Охрид, Маја Петаноска – бренд менаџер и косопственик на ДПТУ „ДЕРМАЕСТЕТИКА“ ДОО Скопје, Ирена Миновска-Пехливанова – стратегиски менаџер во „Авто-Мото Сојуз на Македонија“ (АМСМ), Арзијана Фејзи – менаџер за правни работи во „Рамацоти Фуд“ Гостивар, Јанинка Чупаркоска – генерален менаџер во „КОЖУВЧАНКА“ ДОО Кавадарци, Јана Манева-Чупоска – визуелен уметник и претседател на ДЛУМ, Барбара Оленик Станичиќ – директор на Сектор за човечки ресурси во „Јадран“ д.д, Цриквеница, Хрватска, како и Слободанка Цока Стевиќ – генерален менаџер и сопственик на ТА „Кондор ТИС“ од Лозница, Србија.
Манифестацијата „Избор на најуспешни жени“ преку својот Марили бизнис клуб спојува над 150 жени менаџери кои соработуваат, се вмрежуваат и организираат хуманитарни настани, но и ги поттикнуваат младите девојки и жени да влезат и да се остварат во бизнис сферата.