Сириските граѓани го прославија укинувањето на американските санкции

Градовите во Сирија беа исполнети со славје доцна синоќа, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека американските санкции против Сирија ќе бидат укинати, пренесе ДПА.

Градовите во Сирија беа исполнети со славје доцна синоќа, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека американските санкции против Сирија ќе бидат укинати, пренесе ДПА.

Спонтани улични прослави и колони од автомобили се одвиваа во големите градови, при што сириските граѓани вееја знамиња и скандираа на плоштадите. Укинувањето на санкциите следува по посредничките напори што ги водеше саудискиот престолонаследник, принц Мохамед бин Салман.

Пораки на благодарност и честитки брзо се проширија на социјалните мрежи, одразувајќи го националното чувство на олеснување.

„Укинувањето на санкциите претставува втора победа над претходниот режим што ја уништи Сирија и доведе до наметнување на овие санкции“, изјави писателот и политички аналитичар Кусај Ал Абд. Тој додаде дека санкциите го осакатиле сириското раководство и народот, спречувајќи значителен напредок во последните месеци.

Во историскиот кварт Ал-Мидан во Дамаск, стотици граѓани излегоа на улиците и изразија поддршка за новата сириска влада.
„Сите на пазарот слават. Овие санкции го казнуваа сирискиот народ, а не режимот. Претходното раководство дури ги користеше како изговор за воведување нови даноци и такси“, изјави Мохамед Јасин, сопственик на продавница.

На плоштадот со историскиот часовник во градот Хомс, во централна Сирија, стотици граѓани се собраа на прослава.