
На 16 мај пресуда за случајот со модуларната болница во Тетово
Во Основниот суд во Тетово денеска се одржаа завршните зборови на Обвинителството, одбраната, обвинетите и правните застапници на оштетените семејства во рамки на повторниот судски процес во кој обвинети се двајца директори и тетовската болница во врска со пожарот во модуларната болница на 8 септември 2021 година при што животот го загубија 14 лица.
Во Основниот суд во Тетово денеска се одржаа завршните зборови на Обвинителството, одбраната, обвинетите и правните застапници на оштетените семејства во рамки на повторниот судски процес во кој обвинети се двајца директори и тетовската болница во врска со пожарот во модуларната болница на 8 септември 2021 година при што животот го загубија 14 лица. Директорите Флорин Бесими и Артан Етеми и ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, како правно лице се обвинуваат за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“.
Претставникот на Обвинителството посочи дека со изведените материјални и вербални докази и сведочења обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни. Според Обвинителството, двајцата обвинети директори имале обврска да постават противпожарни апарат, а тоа не го направиле според пропишаните прописи.
Кон завршните зборови на Обвинителството се приклучија адвокати кои имаа полномоштво за застапување на семејствата на луѓето кои ги загубија животите во пожарот и повредните пациенти. Тие во нивно име побараа од судот да ги насочи за надомест на штета и трошоци. Еден од бранителите посочи дека оштетените не можат да ги остварат правата во граѓанска постапка затоа што Основен суд Тетово бара прво да има правосилноста на оваа кривична постапка.
Бранителот на правното лице Јавна здравствена установа Клиничка болница Тетово во завршниот збор истакна дека болницата не треба да биде прогласена за виновна бидејќи не била директно обврзана за модуларните ковид центри. Посочи дека според договорите за набавка тоа се владините министерства, иако не спори дека болницата треба да се грижи за безбедноста. Тој рече дека вработените во болницата при сведочење посочиле дека има поставено противпожарни уреди.
Адвокатот на обвинетиот Флорин Бесими во завршните зборови истакна дека како директор во договорот за менаџирање со установата немал задолжение да поставува противпожарни уреди и не се потпишал на записник за прием на модуларната болница. Побара од судот обвинетиот да биде ослободен од одговорност.
И адвокатот на обвинетиот Артан Етеми побара ослободителна пресуда, потенцирајќи дека Обвинителството не успеало да докаже причинско-последичен тек со кој се докажува вината на неговиот клиент.
Двајцата обвинети и претставникот на Клиничка болница се согласија со завршните зборови на своите адвокати и побараа ослободителни пресуди. По искажаните завршни зборови судијата Реџеп Муса истакна дека пресудата ќе биде изречена на 16 мај во 12 часот.