
Демократската унија за интеграција (ДУИ) смета дека со заминувањето на уште еден албански партнер од Владата политичкото мнозинство останува „целосно без легитимитет кај Албанците“ и се претвора во моноетничка Влада.
„На ова предупредувавме уште од самиот почеток на создавањето на ова парламентарно мнозинство, затоа што беше создадено на премисите на една монструозна амбиција – да се дисциплинира цел еден конститутивен народ и, според нивните зборови ’да им се покаже местото’ на Албанците“,се вели во денешното соопштение од ДУИ.
Според нив, загрижувачки е тоа што премиерот наместо да ги увиди сопствените промашувања, тој најавува уште, како што велат, поцврста и поагресивна политичка хајка за да оствари континуитет на оваа моноетничка Влада.
Од ДУИ додаваат дека премиерот наместо да ја прифати реалноста дека народот бара предвремени избори, на терен „веќе се демонстрира арогантна агресивност преку активности на уцени, подметнувања и поткуп“.
„На јавна сцена владини функционери упатуваат закани дека ’ќе ги стигне правдата’ оние кои го критикуваат премиерот, додека во позадина се води непристојна уцена кон пратеници, функционери и административци – Албанци, Турци, и други претставници на немнозинските етнички заедници, за да се обезбеди барем привид за некаква мултиетничка поддршка на Владата“, додаваат од ДУИ во соопштението.
Опозициската ДУИ смета дека „очајните обиди да се добие барем некаков легитимитет ќе пропаднат“, но велат дека зад себе ќе остават длабоки последици во нарушувањето на меѓуетничките односи.
„Секој ден што оваа Влада ги отфрла албанските барања, преставува уште еден ден повеќе во оддалечувањето на Албанците од државните текови. Оваа парламентарно мнозинство ги промаши клучните стратешки интереси на државата и заради тоа се распаѓа. Време е да се преиспита легитимитетот на политичките претставници на предвремени парламентарни избори“, додаваат од ДУИ.
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари ја напушти коалицијата ВЛЕН што пак е дел од владејачкото мнозинство.
Минатата недела од ДУИ коментирајќи ја политичката состојба во земјава, изразија разочарување од однесувањето на коалицијата на Албанците – ВЛЕН во власта.
Оттаму рекоа дека партиите забораваат оти мандатот не произлегува од премиерот Христијан Мицкоски, туку од албанските гласачи.