„Потребно е ЕУ да овозможи неодложно отпочнување на пристапните преговори за Северна Македонија, во контекст на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан“. Ова му го порачал претседателот Стево Пендаровски на шефот на австриската дипломатија – Александер Шаленберг во Вила Водно.
Од кабинетот на Претседателот соопштиоја дека на средбата се разговараше за надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија, во светло на надминување на предизвиците на европскиот пат, како и за политичко-безбедносните случувања во регионот и Европа.
„Во контекст на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан, претседателот Пендаровски посочи дека е неопходно институциите на ЕУ да делуваат брзо во однос на политиката на проширување и да овозможат неодложно отпочнување на пристапните преговори за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција. Воедно, додаде тој, Северна Македонија ќе го продолжи дијалогот со Бугарија, со цел изнаоѓање на одржливо, разумно и достоинствено решение и деблокада на евроинтеграцискиот процес“ – стои во соопштението.
Пендаровски изрази благодарност за континуираната и доследна поддршка од Австрија, како што вели, еден од најблиските сојузници и партнери на регионот, којa гласно се залага за негово интегрирање во Унијата.