„Европската Унија се наоѓа пред огромна геостратешка одлука. Најважниот инструмент против оваа војна на европско тло е перспективата на ЕУ и проширувањето. Тоа е геополитичка задача на ЕУ и никогаш досега не било толку важно да се реализира проширувањето. Затоа сметам дека што побрзо треба да се отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија“. Ова е пораката која денеска од Скопје ја испрати шефот на австриската дипломатија – Александар Шаленберг на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи – Бујар Османи.
„Денеска сум во Скопје и навистина ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Сите делчиња од сложувалката се на масата и сега треба само уште да ги сложиме. И се надеваме дека уште пред почетокот на летото ќе дојде до тој почеток. Австрија сака да даде свој придонес и ќе биде солидарна со Северна Македонија во тие чекори пред преговорите, бидејќи тоа е геостратешка неопходност. Вие сте непосредни соседи на ЕУ, опкружени сте со земји членки на ЕУ. Сите земји кои досега не пристапиле, редно е да пристапат кон Унијата“ – нагласи Шаленберг.
Тој истакна дека преговорите траат со месеци, со години, но оти не може едната страна да попушти, а другата да добие.
„Тоа се некои мали нешта што треба уште да се решат меѓу Софија и Скопје. Но, сметаме дека не може едната страна да попушти, а другата да добие. Ние сметаме дека тука треба да има заеднички јазик. Да, ова се навистина чувствителни прашања. Јас доаѓам од Централна Европа каде што исто така се соочуваме со вакви проблеми, особено во почетокот на 2000 година. Меѓутоа, ЕУ е таа која што е рамката каде што треба да се дискутираат овие прашања и каде што треба да се рационализираат овие прашања. Тоа е всушност пристапот што ние го поддржуваме. Мислам дека и во разговорите со многу претставници ќе гледаме каде можеме ние да помогнеме во тие чекори, меѓутоа уште еднаш би сакал да нагласам дека двете влади, двете држави веќе ги имаат составните делови од сложувалката. Сега е време да се сложат истите“ – порача тој.