
Мицотакис и Ал Сиси потпишаа Декларација за стратешко партнерство меѓу Грција и Египет
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси, по првиот Висок совет за соработка Грција - Египет, што денеска се одржа во Атина, потпишаа Декларација за стратешко партнерство меѓу двете земји.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси, по првиот Висок совет за соработка Грција – Египет, што денеска се одржа во Атина, потпишаа Декларација за стратешко партнерство меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
На заедничката прес-конференција, Мицотакис рече дека со Декларацијата „во пракса ја потврдуваат заедничката волја за дополнително надградување на тесната соработка“, додека пак Ал Сиси изрази решителност „за ова стратешко партнерство со Грција, засновано на историски односи, меѓусебно почитување и развој на соработката во сите области“.
Грчкиот премиер објасни дека на состанокот во Атина потпишале и меморандуми „што отвораат важни нови патишта во многу области, од енергетиката и превозот до образованието, културата, но и во билатерални трговски односи“.
Тој посочи дека со Египет постои тесна соработка во многу клучни прашања во регионот, кон кои, како што нагласи, секогаш пристапуваат во согласност со принципите на меѓународното право.
– Постојат цврсти темели за да продолжиме заедно, на координиран начин, да се соочуваме со заедничките предизвици што постојат во нашиот поширок регион, а денес Атина и Каиро се на истиот брег соочувајќи се со овие големи предизвици, порача Мицотакис.
Тој додаде дека во време кога се зголемува неизвесноста на меѓународно ниво Египет и Грција „се столбови на стабилност со заеднички стремежи за големите проблеми во регионот“.
Египетскиот претседател истакна дека се одлични односите меѓу двете земји, се осврна на 2011 година, кога како што објасни, земјата била во тежок период, а Грција, „не само што покажа разбирање, туку и се обиде преку ЕУ да го пренесе ставот на Египет и успеа во тоа“.
– Потпишувањето на стратешкото партнерство ги прави односите меѓу двете земји уште поблиски и претставува нов чекор во нашите односи. Високиот совет е квалитативна пресвртница во текот на односите меѓу двете земји за да стигнеме таму каде што сакаме да одиме, истакна претседателот на Египет.
Мицотакис и Ал Сиси разговарале за кипарското прашање, за ситуацијата на Блискиот Исток, за миграцијата, како и за електричното поврзување на двете земји.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека заедничката Декларација што беше потпишана, институционализира редовни контакти на сите нивоа и во голем број области на соработка, додека редовните политички консултации го институционализираат надзорот врз спроведувањето на одлуките.
Во рамките на првиот Висок совет за соработка, биле потпишани три меморандуми за разбирање за транспорт, културна соработка и во областа на технологијата, информациите и комуникациите.