
РЕК Битола оштетен за речиси 180 милиони денари – Обвинение против 10 лица
-Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против седум лица кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик со дејствија со кои на Буџетот на АД ЕСМ-Подружница РЕК Битола му предизвикале значителна имотна штета во износ од 178.370.319 денари.
Десет службени лица, меѓу кои тројца од Бирото за јавни набавки, се осомничени дека ја оштетиле подружницата АД ЕСМ-РЕК Битола за 2,9 милиони евра кршејќи елиминирајќи една од понудите за јавна набавка за ископ на јаловина во централата РЕК Битола, соопшти Основното јавно обвинителство Битола.
„Иако фирмата доставила доказ дека ги исполнува условите за техничка и професионална способност од тендерската документација, тие сепак ги оцениле ваквите докази како неприфатливи и ја отфрлиле понудата“, соопшти ОЈО Битола.
Од десетмината, 7 лица се сомничат дека како соизвршители на делото ја злоупотребиле службената положба. Тројца од нив се членови за Стручната комисија со овластување да извршат евалуација на понудите на јавна набавка за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола и притоа го скршиле Законот за јавни набавки.
Три лица од Бирото за јавни набавки се осомничени дека се се соизвршители на дело несовесно работење во службата, односно го пропуштиле должниот надзор при управната контрола на постапката за тендерот.
„Обвинетиот директор на РЕК Битола го прифатил предлогот за избор на најповолна понуда содржан во Извештајот на Комисијата за спроведување на јавната набавка иако бил спротивен на одредбите од Законот за јавни набавки и на 03.10.2022 склучил договор за ископ на инвестициска откривка во Рудникот Брод Гнеотино со РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола во износ од 708.000.000 денари со ДДВ.
Потоа, во септември 2023 година, директорот склучил и анекс кон договорот со кој вредноста на јавната набавка ја зголемил за дополнителни 20% односно за 120.000.000 денари, со што исто така постапил спротивно на Законот за јавните набавки, бидејќи претходно не извршил дополнителна анализа на исплатливост и не ги дообезбедил потребните парични средства кои според законските одредби требало да бидат обезбедени во целост пред склучување на договорот.
Службените лица од Бирото за јавни набавки, обвинети за несовесно работење, извршиле увид во целокупната документација поврзана со јавната набавка и требало да утврдат дека понудата на еден економски оператор е незаконски отфрлена, но тие пропуштиле тоа да го сторат и на договорниот орган противправно му дале инструкции да продолжи со постапката за јавна набавка и да го склучи договорот.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за одземање на противправно прибавената имотна корист од 178.370.319 денари која како резултат на сторените кривични дела од обвинетите била исплатена на правното лице ДПТУ РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола. Оваа имотна корист во текот на постапката, по барање на Основното јавно обвинителство Битола е предмет на привремена мерка за обезбедување имот и средствата се замрзнати на сметка до донесување пресуда“, соопшти ОЈО Битола.