
Бајовски: Радиоактивниот фон во РЕК Битола не е многу поголем од природниот
Има извршено мерење на радиоактивен фон во РЕК Битола и тој „не е многу поголем“ од природниот фон на зрачење, изјави денеска в.д. директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност Зоран Бајовски на одбележувањето 20 години од формирањето на независниот национален регулаторен орган.
Има извршено мерење на радиоактивен фон во РЕК Битола и тој „не е многу поголем“ од природниот фон на зрачење, изјави денеска в.д. директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност Зоран Бајовски на одбележувањето 20 години од формирањето на независниот национален регулаторен орган.
На новинарско прашање дали Дирекцијата има надлежност врз работењето на РЕК Битола, откако неодамна се издигна радиоактивен пепел од нејзиното работење, Бајовски рече „извршено е мерење во 2024 година и сега од страна на еден од техничките сервиси и констатирано е дека тој не е многу поголем од дозволениот природен фон на зрачење“.
– Македонија нема нуклеарна централа, ниту нуклеарно гориво, но не е имун на природниот фон на зрачење којшто го создава самата природа. За РЕК Битола, конкретно, не е многу поголем од дозволените граници. Извршено е мерење и во 2024 година и сега од страна на еден од техничките сервиси и констатирано е дека тој не е многу поголем од дозволениот природен фон на зрачење. Мислам дека беше помалку од 5.000 нанохири, но не ме држете за збор, да не шпекулираме со бројки, доколку сакате ќе ви ги доставиме тие во писмена форма, рече Бајовски.
Природниот фон на зрачење, вели, го има и во моментов, бидејќи, како што појасни, сите ние сме и сега изложени на јонизирачко зрачење кое што е во граници на нормала.
– Природниот фон го имаме и тука надвор, ние сме и сега изложени на јонизирачко зрачење и тоа е во граници на нормала кај што не е штетен за нашиот организам. Сите работници кои што се професионално изложени според закон во Република Македонија мора да носат лични дозиметри. Тие дозиметри се учитуваат на месечно ниво и извештаите ги добиваме ние како Дирекција. Дозволените граници се 0,9 микросиверт, рече Бајовски.
Изминативе две децении, појасни, Дирекцијата ја има клучната улога на контрола, надзор и лиценцирање на сите активности поврзани со јонизирачко зрачење, кое вклучува медицински, индустриски, образовни и истражувачки апликации. Посочи дека во рамки на Дирекцијата постои и инспекциски надзор кој врши контроли на сите правни субјекти којшто вршат дејност со јонизирачко зрачење.
– Во делот на Дирекцијата имаме и инспекциски надзор, со кој е покриена целата територија на земјава којшто врши контроли на сите правни субјекти кои што вршат дејност со јонизирачко зрачење. Изминатата 2024 година издадени се вкупно 237 лиценци и дозволи на стоматолошки ординации, радио терапија, радијациона рендген дијагностика, нуклеарна медицина, производство на радиофармацевтици, како и индустриска радиографија. Во делот на инспекцискиот надзор, Дирекцијата врши контрола, а во изминатата 2024 година има спроведено 151 редовна контрола, 22 вонредни контроли и 51 контролирана контрола, односно на веќе издадени дозволи. Од вкупниот број на извршени инспекции кај 61 правно лице е најдена неправилнсот, со нив се постапува со оглед на законските рамки, посочи Бајовски.
Дирекцијата има 11 вработени, но, како што рече, таа не треба да биде гломазна административна институција. Нагласи дека се соочуваат со проблем за изнаоѓање на физичари, односно соодветен кадар во делот на медицинска физика и физика.
– Ни треба соодветен кадар во делот на медицинска физика и физика, но имаме проблем со изнаоѓање на физичари кои што треба да работат во Дирекцијата, бидејќи многу малку се продуцираат во образовниот процес во Македонија, но тоа не е во наша надлежност. Лиценците се вадат на секои три години за сите правни субјекти. Инспекторите си го задржуваат правото за еднаш годишно да ги посетат сите институции и ако констатираат неправилности најпрво се изрекуваат одредени мерки за корегирање на тие неправилности. Доколку не ги корегираат имаме времено затворање и трајно затворање со пломбирање. Изминатиов период е пломбирана само една стоматолошка ординација од тие 61 што ги спомнав, другите се во тек на постапка за комплетирање на документите, бидејќи во нашата држава само четири технички сервиси вршат амбиентални мерења и тие се доволни за покривање на целата територија, рече Бајовски.
На новинарско прашање дали кај некоја од државните институции има утврдено неправилности, Бајовски рече дека се изнаоѓаат начини за корекција кај сите институции кои што имаат пропусти. Во јавните институции каде што има јонизирачко зрачење, вели, проблем се вработените со договор на дело.
– Во јавните институции проблем се вработените со договор на дело што се во институциите каде што има јонизирачко зрачење. Тука спаѓаат рендген апарати којшто продуцираат икс зраци од струја и од отворени извори на зрачење како што се радиотерапија со иридиум на Клиниката за онкологија и радиотерапија или на Институтот за патофизиологија. Неправилности во овие институции нема, туку неправилностите се во некои помали стоматолошки ординации, каде што ги менуваат вработените и не ни доставуваат листа на вработени одговорни лица кои што работат со апаратот за радиодијагностика. За секоја промена тие треба да ја известуваат Дирекцијата, посочи Бајовски.