Новата германска влада на Мерц денеска го потпишува коалицискиот договор со СПД

Партиските лидери на новата германска Влада предводена од конзервативците денеска ќе го потпишат договорот за коалиција, отворајќи го патот за новата администрација да ја преземе функцијата 10 недели по предвремените избори во земјата, јави ДПА.

Партиските лидери на новата германска Влада предводена од конзервативците денеска ќе го потпишат договорот за коалиција, отворајќи го патот за новата администрација да ја преземе функцијата 10 недели по предвремените избори во земјата, јави ДПА.

Лидери на Христијанските демократи (ЦДУ), нивната баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и Социјалдемократите (СПД) денеска на пладне во Берлин треба да го потпишат договорот од 144 страници насловен „Одговорност за Германија“ пред лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, утре во германскиот Бундестаг (парламент) да биде избран за нов германски канцелар, додава германската агенција.

Трите партии имаат тесно мнозинство од 328 места во Долниот дом на 630-члениот Бундестаг, но изборот на Мерц, на кого му е потребно апсолутно мнозинство од најмалку 316 гласови, се смета за сигурен и покрај малата разлика.

Ко-лидерот на СПД, Ларс Клингбеил, треба да стане вицеканцелар и министер за финансии, но СПД сè уште не откри кого избра за преостанатите шест позиции во кабинетот, откако конзервативците веќе ги номинираа своите министри минатата недела.

Откако ќе бидат избрани канцеларот Мерц и неговиот кабинет ќе положат заклетва, новата администрација може да се зафати со работа, точно шест месеци откако централно-левичарската коалиција на Олаф Шолц се распадна поради внатрешни борби, што предизвика предвремени избори, потсетува ДПА.

Новата влада се соочува со серија предизвици, од заболената германска економија, која е на работ на рецесија, и распаѓачката инфраструктура и миграција, до заканата од Русија за европската безбедност и сè поразединувачкиот американски претседател.

На гласањето на 23 февруари победата ја однесоа конзервативците, а по нив следеше антиимигрантската Алтернатива за Германија (АфД), која од пред неколку дена од германските разузнавачки служби е означена како „тврда десничарска екстремистичка организација“.

СПД, традиционално една од двете главни политички сили во Германија, беше потисната на третото место и ќе биде помалиот партнер во новата администрација, потсетува ДПА.