Политичкиот „софтвер“ на Мицкоски не е компатибилен со мултиетничкиот „хардвер“ на државата, смета ДУИ

Демократската унија за интеграција денеска порача дека со загриженост реагира на, како што велат, „континуираните обиди на Христијан Мицкоски да се наметне како тутор на албанската политичка сцена“.

Демократската унија за интеграција денеска порача дека со загриженост реагира на, како што велат, „континуираните обиди на Христијан Мицкоски да се наметне како тутор на албанската политичка сцена“.

„Неговата последна изјава – во која јавно сугерира со кого треба да коалицира Арбен Таравари – претставува опасен и неприфатлив обид за реконфигурирање на политичката волја на албанските гласачи“, се вели во писмената реакција на ДУИ до медиумите.

Притоа, се додава дека ова е црвена линија што никогаш досега не е премината – и што никогаш нема да биде дозволено да се премине.

„Никој, а најмалку Христијан Мицкоски – политичар кој ја има изградено својата кариера врз омраза, исклучивост и национализам – нема ниту морален, ниту политички легитимитет да го дизајнира албанското политичко претставување“, велат од ДУИ и додаваат дека постапките на Мицкоски не се само навреда кон политичката зрелост на Албанците – тие се директно поткопување на неговата позиција како премиер.

„Тој веќе го има загубено кредибилитетот да биде долгорочно решение во една мултиетничка држава“, се вели во реакцијата на ДУИ, при што се додава дека историјата нема да го запомни како државник, туку како човек – кој се обиде привремено да ја узурпира власта преку национализам, но не успеа – затоа што неговиот политички „софтвер“ не е компатибилен со мултиетничкиот „хардвер“ на оваа држава.

„Мицкоски не е и никогаш нема да биде тутор на политичко претставување на Албанците“, се вели во реакцијата на Демократска унија за интеграција.