
Мицкоски очекува јавниот долг да се намали под 55 отсто од БДП до крајот на мандатот
Премиерот Христијан Мицкоски очекува јавниот долг да се намали на ниво од 55 отсто од домашниот бруто производ, а можеби и повеќе, до крајот на мандатот на оваа Влада. Тој денеска изјави дека тоа е една од стратешките цели на Владата, а за него како премиер е важно номиналниот бруто производ во наредниот период да достигне 20 милијарди долари.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува јавниот долг да се намали на ниво од 55 отсто од домашниот бруто производ, а можеби и повеќе, до крајот на мандатот на оваа Влада. Тој денеска изјави дека тоа е една од стратешките цели на Владата, а за него како премиер е важно номиналниот бруто производ во наредниот период да достигне 20 милијарди долари.
Коментирајќи ги најновите податоци од Министерството за финансии за јавниот и за државниот долг, Мицкоски рече дека очекува нивно натамошно намалување како процент од БДП.
„Имаме ниво на јавен и на државен долг во однос на домашниот бруто-производ кој што е најнизок во последните пет години, односно јавниот долг е 57,7 проценти од БДП, а државниот е 50,1 отсто“, рече Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите за време на неговата посета на Кавадарци.
Тој додаде дека како Влада имаат јасна стратегија до крајот на мандатот овие параметри да се сведат под 55 отсто од БДП за јавниот долг, а на државниот под 45 проценти.
„А, зошто да не и под 50 проценти од БДП за јавниот долг и под 40 проценти од БДП за државниот долг“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека за него исто така е важно номиналниот домашен бруто производ да биде 20 милијарди долари.
„Сега сме некаде на ниво од 17 милијарди долари за 2025 година. До крајот на овој мандат очекувам Владата да ги исполни овие три стратешки цели во делот на макроекономските показатели и сигурен сум дека тоа ќе се случи. Во месеците што следат очекувајте убави вести за македонската економија и за македонските граѓани“, рече премиерот Мицкоски.
Инаку, според законот за јавен долг, државниот долг е збир на финансиски обврски создадени со задолжување на Република Северна Македонија, јавните установи основани од Република Северна Македонија и општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, не вклучувајќи го долгот на јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна
сопственост на државата, општините и на Народната банка на Република Северна Македонија.
Јавен долг, пак, е збир на државниот долг и долгот на јавните претпријатија основани од
државата или од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и трговските
друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата или на општините,
општините во градот Скопје и градот Скопје.
Долгот на Народната банка на Република Северна Македонија не претставува јавен долг.