Руски агенти користеле црква во Чешка како центар за активности против ЕУ

Според сознанијата на БИС, оперативци на руската воена разузнавачка служба ГРУ одржувале тајни состаноци во црквата „Свети Петар и Павле“ во Карлови Вари, од кои некои биле директно поврзани со непријателски активности против земјите членки на ЕУ.

Руски агенти користеле православна црква во чешкиот град Карлови Вари за одржување тајни состаноци и организирање операции за влијание, чија цел била дестабилизација на Европската Унија, соопшти чешката разузнавачка Безбедносна информативна служба (БИС).

Според сознанијата на БИС, оперативци на руската воена разузнавачка служба ГРУ одржувале тајни состаноци во црквата „Свети Петар и Павле“ во Карлови Вари, од кои некои биле директно поврзани со непријателски активности против земјите членки на ЕУ.

– Ова не е црква во традиционална смисла на зборот. Таа е дел од машинеријата на Кремљ. Наместо духовна работа, нивните напори се насочени кон служење на руските државни интереси, изјави чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски за чешката новинска агенција ЧТК.

Поранешниот главен православен парохиски свештеник во Карлови Вари, Николај Лишчењук лани беше протеран од Чешка поради активности поврзани со загрозување на чешката националната безбедност. Според чешките власти, Лешчењук бил „лојален емисар на Кремљ“, кој ја користел својата верска функција за да шири пропаганда против Украина и Западот.

По протерувањето на Лишчењук, според чешкиот истражувачки медиум Odkryto.cz, Руската православна црква (РПЦ) ја пренела сопственоста над црквата „Свети Петар и Павле“ и на придружната вила на нејзиниот огранок во Унгарија, со цел да ги заштити од евентуална конфискација.

Според рускиот опозициски весник „Новаја Газета“ со активностите на РПЦ во Чешка раководи суспендираниот митрополит будимпештански и унгарски Хиларон, кој беше разрешен од оваа должност во јули 2024 година поради обвинувања за недолично однесување.

Хиларион, чие световно име е Григориј Алфеев и кој важи за близок до поглаварот на РПС, патријархот московски и серуски Кирил, се наоѓа на листата на ЕУ на санкционирани лица поради активности поврзани со поткопување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.

Алфеев беше обвинет од негова поранешна помошничка за недолично сексуално однесување и за расипничко трошење на црковни средства. Ваквите обвинувања тој ги отфрли како неосновани и како „дел од заговор за изнуда“. Светиот синод на РПЦ сепак го суспендираше од должноста до завршување на истрагата по обвинувањата, кои се поткрепени со аудио снимки и фотографии.