
Владата озаконува паушални фактури за струја, обвинуваат од Инженери на РМ
Инженери на Република Македонија (ИРМ), упати апел до пратениците и Министерството за енергетика да ги отстранат, како што велат, некоректните одредби од предлог Законот за енергетика за да се обезбедат фер, прецизни и транспарентни фактурирања, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка на електрична енергија.
Инженери на Република Македонија (ИРМ), упати апел до пратениците и Министерството за енергетика да ги отстранат, како што велат, некоректните одредби од предлог Законот за енергетика за да се обезбедат фер, прецизни и транспарентни фактурирања, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка на електрична енергија.
„Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет“, велат од ИРМ.
Инженери на Република Македонија се претставува како неформална јавна група на социјалните мрежи во која членуваат сите профили на инженери кои со конструктивна дебата сакаат да дадат придонес во развојот на техничко-технолошката состојба во земјава. Во групата членуваат и лица кои не се инженери или кои не се од Македонија, но имаат идеи и размислувања со кои сакаат да влијаат на унапредувањето на енергетската независност и техничко-технолошкиот напредок на состојбите во Македонија.
Во соопштението до медиумите од ИРМ се вели дека во новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април влегува во собраниска процедура, Владата предлага контроверзни одредби со кои се овозможува издавање на фактури за потрошена електрична енергија врз основа на претпоставена, а не реално измерена потрошувачка.
„Со вакви измени се озаконува досегашната практика на паушално фактурирање, која стана особено проблематична по воведувањето на ценовните блокови за скапата струја од 1 јули 2022 година. При нередовно читање на броилата, потрошувачите неретко се распределуваат во погрешни ценовни блокови, што резултира со зголемени сметки и неоправдани наплати“, велат од ИРМ.
Нивните пресметки покажуваат дека дури и ±10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство. Со оглед дека во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН располага со 915.492 броила, ова претставува сериозен удар врз џебот на граѓаните и можност за милионски профити на штета на јавниот интерес.
„Иако Регулаторната комисија за енергетика веќе потврди дека ваквите проценки носат штета за потрошувачите и започна процес за измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, Владата оди во спротивна насока. Со одредбите во Глава VIII од новиот закон – иронично насловена „Заштита на потрошувачите“ – се предвидува озаконување на паушалното фактурирање преку член 185, став 2 и став 4, точка 2“, посочуваат од ИРМ.
Според нив, особено загрижувачки е што Владата го носи законот со европско знаменце, повикувајќи се на усогласување со ЕУ директивата CELEX: 32019L0944, која никаде не предвидува дозвола за фактурирање со претпоставена потрошувачка. Дополнително, овие одредби не се содржани ниту во претходните верзии на законот објавени на платформата ЕНЕР.
Апелираат до пратениците и Министерството за енергетика да ги отфрлат овие одредби и со амандмани: да се избрише став 2 од членот 185, а од ставот 4, точка 2, да се отстрани вториот дел од реченицата.
„Бараме фер, прецизно и транспарентно фактурирање, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет“, велат од Инженери на Република Македонија.