
СТО ја намалува прогнозата за раст на трговијата за 2025 година и предупредува на голем пад
Таа прогноза претставува остар пресврт од претходно проектираниот раст од 3,0 проценти, додека организацијата предупредува дека трговијата може да го доживее најголемиот пад од 2020 година, кога светот беше погоден од пандемијата на коронавирус.
Светската трговска организација (СТО) значително ја намали прогнозата за глобалната трговија со стоки, предвидувајќи пад од 0,2 отсто оваа година поради негативните ефекти од американските царини.
Таа прогноза претставува остар пресврт од претходно проектираниот раст од 3,0 проценти, додека организацијата предупредува дека трговијата може да го доживее најголемиот пад од 2020 година, кога светот беше погоден од пандемијата на коронавирус.
СТО соопшти дека новата проценка се заснова на тековните трговски мерки, вклучително и високите царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп за челик, автомобили и производи од Кина.
-Многу сум загрижен поради намалувањето на глобалната трговија со стоки. Овој пад има значителни импликации за поширок економски раст, рече генералната директорка на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала, предупредувајќи дека трговската несигурност може да влијае на глобалните финансиски пазари и економските сектори.
Според проценките, трговијата со стоки меѓу САД и Кина би можела да падне за 81 отсто, а без исклучоци за одредени производи, падот би можел да достигне и до 91 проценти.
-Доколку дојде до целосно раздвојување, тоа може да доведе до фрагментација на глобалната економија, намалувајќи го глобалниот БДП за седум отсто на долг рок, предупреди Оконџо-Ивеала.
Иако трговијата со услуги не е директно засегната од тарифите, СТО предвидува дека падот на трговијата со стоки може негативно да влијае на секторите како што се транспортот, логистиката и туризмот.
Трговијата со комерцијални услуги се очекува да порасне за четири отсто оваа година, под претходните проценки.