
СДСМ утрово соопшти дека очекувале оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најмалку од морални причини, по трагедијата во Кочани. Тврдат дека „морален пораз за Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ е советничка во Советот на општина Кочани од оваа партија да поднесе оставка од морални причини, а тој не“.
-Вечерта на трагедијата, постоеле одговорни раководители во ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ кои биле на позиција. Имало полицајци на лице место – виделе што се случува, имале увид во состојбата, знаеле дека има малолетници, пиротехника но не презеле ништо. И денес, никој од нив не е опфатен со истрагата. Дури и дозволата за употреба на пиротехнички средства – директна причина за пожарот – паѓа под надлежност на МВР. А од МВР, ниту еден актуелен функционер не е осомничен. Зошто нема одговорност за дежурните полициски службеници, раководители и функционери? Зошто се гонат лица кои воопшто не биле надлежни во моментот на трагедијата, а не оние што требале да реагираат и спасат животи? Дали ова не е понижување на правдата и селективна заштита на функционери блиски до Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ?, прашуваат од СДСМ преку соопштение.
Со потресна исповед и солзи пред Советот на Општина Кочани, советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Атанасова поднесе оставка, обвинувајќи дека политичката сцена во општината е претворена во трка по функции, а не по решенија за граѓаните. Оставката дојде токму во моментот кога Советот избираше в.д. градоначалник.