Државниот врв вели дека ќе направи сѐ што е потребно за економски и социјален препород на Кочани

Сѐ што е потребно за економски и социјален препород на Кочани, ние како Влада ќе го ставиме во нашите врвни приоритети и тоа ќе го направиме. Посакувам да се обединуваме за убави работи, а оваа трагедија нека биде за сите нас поука дека она што денеска го правиме ќе има свое значење во иднина. Би сакал тоа што ние денеска го правиме како Влада има позитивно и убаво значење за иднината на нашите граѓани и нашата Македонија, порача премиерот Мицкоски.

Сѐ што е потребно за економски и социјален препород на Кочани, ние како Влада ќе го ставиме во нашите врвни приоритети и тоа ќе го направиме. Посакувам да се обединуваме за убави работи, а оваа трагедија нека биде за сите нас поука дека она што денеска го правиме ќе има свое значење во иднина. Би сакал тоа што ние денеска го правиме како Влада има позитивно и убаво значење за иднината на нашите граѓани и нашата Македонија, порача премиеротМицкоски во вклучување на хуманитарното отворено студио на телевизијата Канал 5 за донирање на настраданите во Кочани.

Мицкоски нагласи дека Владата вложува надчовечки напори во спасувањето на повредените во трагедијата.

– Немам што повеќе да кажам од она што го кажав досега. Уште еднаш да изразам сочуство на семејствата кои што ги загубија своите животи во оваа трагична и ужасна несреќа во Кочани. Како Влада правиме сѐ што е во наша моќ, вложуваме надчовечки напори да спасиме живот повеќе од оние што се повредени. Се радувам дека дел од нив полека се испишуваат од болниците во Скопје, но се враќаат и од странство, рече Мицкоски.

ТВ Канал 5 вечерва организира донаторска вечер со телефонски јавувања, на која учество земаа покрај премиерот Христијан Мицкоски, и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, министри, претставници на политички партии, луѓе од јавниот и општествениот живот. 

Гаши: Ова нека биде последен аларм што треба да нѐ отрезни

На Донаторската вечер со телефонски јавувања на ТВ Канал за помош на настраданите во трагедијата во Кочани, гостуваше претседателот на Собранието Африм Гаши, кој од студиото упати пораки за обединување, нагласувајќи дека „тагата и болката сите нѐ боли“ и дека треба „да сочувствуваме и да се солидаризираме“.

Порача дека е „крајно време да определиме приоритети во државата и да не се делиме по идентитети зашто се уморивме од тоа“. Како што рече, „секој се гледа во потенцијален иден ризик и ова треба да биде последен аларм што треба да нѐ отрезни“.

-Пред се сме луѓе и заеднички треба да ги градиме институциите. Лично донирав, но мислам дека треба да ги поттикнеме сите граѓани колку што можат да донираат и како општество да реагираме на тој начин и нашите институции да се стават во функција на ситуацијата. Да го дадеме целиот капацитет, а тој не е мал, зашто имаме одлични професионалци, меѓу кои се и докторите. Ако така реагираме, убеден сум дека одговорот ќе биде добар и ќе има утеха за оние кои ги изгубиле најблиските иако тагата не може да ја надоместиме, рече Гаши.

Во врска со реакции во јавноста зошто Собранието, покрај минатата, не работи и оваа седмица, Гаши одговори дека Собранието работело и претходната и оваа недела, но немало пленарни и комисиски седници во знак на почит. Тоа, рече, било договорено на координација т.е. на состанок на координаторите на пратеничките групи.

-Нема седници во знак на почит, за да нема дефокус и да отвораме други теми на политикантство и дневна политика од кои граѓаните ќе се згрозат. Сакавме да покажеме солидарност и емпатија, рече претседателот на Парламентот.

Собранието не донирало како институција за помош по несреќата во Кочани туку одлучиле, рече, „секој пратеник да донира по своја волја и совест“.

-Но уверен сум дека веќе донирале и ги повикувам оние што не донирале, тоа да го сторат, рече Гаши кој учествуваше на Донаторската вечер на ТВ Канал 5.

Сиљановска Давкова: Да престанеме со импровизации, да градиме стандарди, од градинка да учиме како да се однесуваме во катастрофи

Мојата порака е да ги оставиме конфликтите, недоразбирањата, уште малку да се воздржиме за да ги решиме овие најголеми проблеми што се појавуваат, да сториме се за да не дозволиме вакво нешто повторно да се случи, да извлечеме поуки за функционалното, нефункционалното, да градиме здрав систем, функционален. Не е важно кој ќе биде на власт. Мојата порака е да ја санционираме неодговорноста секогаш кога треба, да ги инспирираме младите, да ги задржиме, да возвратиме на помошта со помош, да изградиме подобар свет и дома и во соседството и надвор.

Оваа порака вечерва ја упати претседателката Гордана Сиљановска Давкова во изјава на ТВ Канал 5 за време на донаторската вечер со телефонски јавувања за семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани што се случи на 16 март и во кој загинаа 59 лица, а повеќе од 190 беа повредени.

Сиљановска Давкова рече дека во тагата, во несреќата ние се концентрираме на најважните предизвици, а тоа покажува дека она за што се расправаме е споредно и дека ако се однесуваме како луѓе, човечки ќе ги решаваме сите работи.

– Да престанеме со импровизации, да градиме стандарди, да не бидеме специфични, да не бидеме оригинални, во демократија оригиналност не е потребна, предвреме да се подготвиме, не секогаш постфестум да реагираме, да учиме уште од градинка како да се однесуваме кон заканите, кон катастрофите. Така ќе бидеме подготвени. Никогаш нема да прежалам дека во мој мандат се случило ова. Тоа е не само моја политичка и лична траума, тоа е национална траума, рече претседателката.

Сиљановска Давкова оцени дека она што ја изненадило била меѓусоседската и европската солидарност, но исто така дека и домашниот одговор бил соодветен.

– Би сакала на сите да ви се заблагодарам за човечкиот однос. Мислам дека нашите новинари деновиве, особено во оној ужасен ден на закопот се однесуваа достоинствено, мислам дека и политичките партии се однесуваа достоинствено, мислам дека луѓето се однесуваа достоинствено и децата се однесуваа возрасно, рече претседателката.

На прашањето  дали изразила сочувство до семејствата на загинатите и дали ги контактирала, таа рече дека не сака да одговара на тоа, но дека била во Кочани, дека била во сите болници… но подалеку од очите на јавноста.

-Апсолутно и кажувам дека тоа е однос меѓу мене и меѓу луѓето на кои им треба човечки збор, збор на мајка, а статусот претседател нема никаква врска. Најдобрата работа што ја направивме е толку многу луѓе да заминат надвор. Тоа беше постигнато уште утрото со лекарите заедно кога од сите страни веќе доаѓаа повредени и кога ние свативме дека многу подобро е да ги убедиме луѓето да заминат надвор бидејќи ни најголема држава не може да се справи со ваков проблем а не ние, рече Сиљановска Давкова.

ТВ Канал 5 вечерва организира донаторска вечер со телефински јавувања, на која учество земаа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, министри, претставници на политички партии, луѓе од јавниот и општествениот живот.