Бектеши: Во овие тешки времиња неопходно е да се тргне историјата настрана
„Сите земји кои се присутни на овој Министерски состанок се исправени пред воената агресија која се случува во срцето на Европа и која предизвикува огромни штети за сите“ е пораката на македонскиот министер за економија – Крешник Бектеши на министерскиот состанок за Регионална соработка за енергетска безбедност, диверзификација и зелена транзиција што се одржува во Софија, Бугарија.
„Северна Македонија е мала земја на Балканот, но ние сме вклучени во сите регионални иницијативи со цел да обезбедиме сигурност во набавката на гас за земјата, но и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси. Сите сме исправени пред тешки одлуки во ова тешко време, но тешките времиња носат напредок“ – рече Бектеши во обраќањето и се заблагодари на поддршката на ЕУ со која изминатите години се работеше заеднички на реформите во енергетскиот сектор.
„Главната цел за овие инвестиции за регионално поврзување на енергетските системи и диверзификација на енергетските извори е поголема конкурентност на нашите економии и пониски цени на енергенси. Во моментов во финална фаза е почетокот на изградбата на интерконекторот со Грција, а во преговори сме со Бугарија за изградба на уште еден интерконектор кај Струмица. Во моментов се снабдуваме со гас само од еден гасовод со Бугарија со гас од Гаспром. Со новите интерконектори ќе ја намалиме зависноста на гас од Гаспром“ – потенцираше Бектеши.
Порача дека историските прашања треба да се тргнат на страна и да се носат решенија во интерес на сите.
„Регионот произведува многу историски прашања и во овие тешки времиња неопходно е да се тргне историјата настрана. Ве повикувам сите на солидарност заеднички да изнајдеме решенија кои ќе бидат во интерес на сите земји“ – посочи Бектеши.