За сите кои имаат вина ќе има одговорност, ќе ги отвориме и случаите за модуларната болница и Ласкарци, вели Мицкоски

Според премиерот, се очекува инспекциските контроли да завршат за недела до две по што точно ќе се знае кои локали се безбедни. Тие што ќе продолжат да работат, рече, ќе значи дека 100 отсто ги исполнуваат минимум пропишаните услови.

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва рече дека се проверени повеќе од 60 – 70 локали, дури и оние со важечки лиценци, но повеќето од половината не ги исполнувале минималните технички услови. Оваа информација, како што истакна, ја добил од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Мицкоски напомена дека над 80 отсто од овие локали ќе бидат затворени. Според премиерот, се очекува инспекциските контроли да завршат за недела до две по што точно ќе се знае кои локали се безбедни. Тие што ќе продолжат да работат, рече, ќе значи дека 100 отсто ги исполнуваат минимум пропишаните услови.

Од понеделник, оцени Мицкоски, сликата ќе биде многу појасна.

Во гостување на ТВ Сител, премиерот напомена дека разговарал со претседателот на ЗЕЛС и од него побарал итно да закаже Управен одбор, да се проверат сите објекти што се под општинска надлежност, а комуналните инспектори да излезат на терен за да ги проверат надстрешниците на објакетите, терасите,…

-Пред да дојдам тука добив инофрмација од ДПИ дека се проверени повеќе од 60 – 70 локали, дури и оние со важечки лиценци. Повеќето од половината не ги исполнуваат минималните технички услови и тоа е најголемиот проблем. Дури и тие локали што имаат се на хартија, повеќе од половината не ги исполнуваат потребните услови. Морам да бидам груб и да кажам, колку и да ми се налутат сопствениците, колку и да велат дека сум лош или дека Владата е лоша, повеќе од 80 отсто ќе бидат затворени и нема да вршат дејност зашто не ги исполнуваат минималните технички услови. Нема играње со овие работи. ДПИ вложува надчовечки напори да направи контрола во сите локали, барови, поголеми, помали,.. Ќе се менуваат и законите, ова мора системски да се реши, но откако прво кривично ќе биде решен целиот случај, овој и уште неколку други, истакна премиерот.

Дополни и дека многу од сопствениците, рекле дека нема да ги отворат локалите, свесни дека не ги исполнуваат условите.

-Во моментот низ цела држава фунцкинираат меѓу 50 и 60 објекти со дејност кабаре или диско клубови затворени или отворени, 22 се со лиценци, а повеќе од полвината не ги исполнуваат потребните технички услови. За да стекнете право на лиценца според законските измени од 2007 година треба да кажете дека се имате и никој нема потреба да провери, објасни Мицкоски.

За сите кои имаат вина ќе има одговорност, без оглед дали се од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или ДУИ

За сите оние кои што било како допринеле со милиметар да се случи ова кое што се случило, ќе има одговорност, без разлика дали се тие од ВМРО-ДПМНЕ, дали се од СДСМ, ДУИ или од некоја друга политичка партија, без разлика дали се Македонци, Албанци или други, без разлика дали се христијани или муслимани. За секој оној за кој ќе биде утврдена одговорност ќе одговара, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во централниот дневник во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Премиерот Мицкоски вели дека нема запирање и се она кое што претходно се сокривало односно како што рече се ставило под тепих ќе биде откриено и ќе се дознае, се до крај додека не следува целосна одговорност.

И не само за овој случај, ќе одговараат за многу други случаи, кои во минатото кај граѓаните и во нивната меморија оставија чувство на сомнеж дали е навистина се постапено онака како што требало да е постапено. Сега е моментот се она кое што порано било ставано под тепих да биде откриено, и се она кое што било ставано под тепих да биде решено, изјави тој.

Ние тргнавме и запирање нема. Ќе одиме до крај. Сакаа да го видат крајот, е па ќе го видат крајот, дециден е премиерот Мицкоски.

Ќе ги отвориме и случаите за модуларната болница и Ласкарци

Мицкоски порача дека ќе се отворат сите претходни случаи и за модуларната болница и за Ласкарци истакнувајќи дека ќе се оди до крај и ќе има одговор што точно се случувало, односно како што рече или ќе има победа за Македонија и граѓаните или мафијашите.

– Сите овие случаи кои што ги кажавте одблиску ќе ги следам. Знам во која фаза се и очекувам обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата и да го идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме во кој испитен центар кажале дека тој технички е исправен, кој ја дал да тој испитен центар функционира така што функционира.
Зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго кога е правена јавната набавка, зошто кабелот е виновен, кој го направил проектот и дали можеби недостасуваат некои елементи, таму каде што мислам дека недостасуваат.