Имамоглу по поништувањето на дипломата и одлуката за притвор: „Неправда која ќе остане запишана во историјата“

- Деновите кога тие што стојат зад оваа неправда ќе одговараат пред историјата и пред правдата се блиску, порача тој.

Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кому му е одреден притвор поради истрага за корупција, се огласи додека десетици припадници на специјалната полиција беа распоредени пред неговиот дом.

„Со жалење морам да кажам дека мала група луѓе, кои се обидуваат да ја украдат волјата на народот, ја злоупотребуваат полицијата и безбедносните сили за ова незаконско дејствие. Стотици полицајци се испратени пред мојот дом – домот на 16 милиони жители на Истанбул“, изјави Имамоглу.

Одлуката за негово приведување доаѓа откако Универзитетот во Истанбул објави дека ја поништува неговата диплома поради наводни неправилности. Овој потег, кој се случува само неколку дена пред главната опозициска партија (ЦХП) да го избере за свој кандидат на следните претседателски избори, претставува сериозен удар за опозицијата.

Според турските закони, без валидна факултетска диплома, Имамоглу не може да се кандидира за претседател.

Градоначалникот оцени дека одлуката на универзитетот е незаконска и дека ќе ја оспори на суд.

– Деновите кога тие што стојат зад оваа неправда ќе одговараат пред историјата и пред правдата се блиску, порача тој.

Во меѓувреме, гувернерството на Истанбул соопшти дека воведува четиридневна забрана за јавни собири и протести, во периодот од 19 до 23 март, за да се „одржи јавниот ред и да се спречат потенцијални провокации“.

Според соопштението на Главното државно обвинителство, истрагата против Имамоглу е поврзана со наводни незаконски тендери и случаи на поткуп.

Имамоглу, кој во 2019 година беше избран за градоначалник на најголемиот турски град, е еден од најголемите политички ривали на актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Следните претседателски избори се планирани за 2028 година.