Тошковски: Јавноста ќе се згрози кога овој предмет ќе биде расветлен до детали

Моментално околу 20-тина луѓе се осомничени за трагедијата која се случи во клубот „Пулс“ во Кочани меѓу кои имаме луѓе кои биле на позиција министер, државен секретар, директори на институции, раководители на сектори, сопственици на правни лица, обезбедување на објекти, како и правни лица кои имале овластување да потпишат одредени документи согласно нивни овластувања, потврди денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Моментално околу 20-тина луѓе се осомничени за трагедијата која се случи во клубот „Пулс“ во Кочани меѓу кои има луѓе кои биле на позиција министер, државен секретар, директори на институции, раководители на сектори, сопственици на правни лица, обезбедување на објекти, како и правни лица кои имале овластување да потпишат одредени документи согласно нивни овластувања, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

-Тие се осомничени за предизвикување општа опасност и кривично дело тешки дела против општата сигурност. На јавноста ќе и се згрози кога ќе види дека повторно по не знам кој пат последица на овие незаконитости е мито и корупција. Биле издавани документи спротивно на сите правила. Корупцијата ја уништи Македонија на крај се доведовме на дереџе да изгубиме 60 млади луѓе. Мора да биде максимално посветени за еднаш за секогаш да покажеме дека имаме капацитет согласно закон да ја овозможиме правдата, рече Тошковски во интервју за ТВ Сител и додаде дека се преземаат дејствија за целосно утврдување на фактичката состојба.

Го разбирам гневот, очајот и разочараноста на граѓаните, потенцира, но мораме да сме разумни и да работиме согласно закон и да преземаме дејствија кои ќе не доведат до правда.

-Преку неправда никогаш не можете да стигнете до правда. Мора да сме разумни и да повикаме на разум. Мора да дозволиме МВР заедно со сите други институции кои имаат надлежност за истражување, а особено ОЈО, да си ги сработат оние работи кои мора да ги сработат. Брат да ми е, било каква врска да има со ова, ќе одговора. Јавноста ќе има прилика да види дека има разлика помеѓу постапувањето од порано и сегашното. Нема да е крив пајакот или кабелот. Секој кој учествувал  и сторил незаконитост ќе одговара, кажа Тошковски.

Проверки, како што прецизира, се вршат во МВР, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и правни лица кои имале овластување да потпишат одредени документи и при тоа незаконски ги изработиле тие документи.

-Во еден од нив некој што го потпишал утврдено е дека „Пулс“ ги исполнува сите пропишани услови. Станува збор за непрофесионално, неморално, нечесно и коруптивно поведение кое е врежано во државните и приватните институции. Нема да има милост за никого. Секој кој придонел директно или индиректно ќе одговара. Нема да е како досега во случаите. Корупцијата ни го изеде општеството. За сите кои ќе утврдиме дека не презеле соодветни дејствија кои се преземени или не се преземени за конкретните лиценци, мислења, дозволи, легализација ќе постапиме соодветно, посочи Тошковски.

Нагласи дека мора да се почитуваат законите и додаде дека како нација немаме култура да ги почитуваме законите. Ако не ги почитуваме законите, потенцира, ќе си ја уништиме државата.

-Има страшна незаконитост, страшна корумпираност и сташно непочитување на се она кое што би требало да биде правило на игра, рече Тошковски и повика на разум во општеството за да им се дозволи на органите на прогон да си ја сработат својата работа за, како што кажа, на крајот да си ја нормализираме државата.

Во пожар во клубот „Пулс“ во Кочани што избувна на 16 март околу 2:35 часот за време на концерт на групата ДНК животот го изгубија 59 млади лица, а 155 се повредени.