Мицкоски: Ќе предложам активна блокада на македонското Собрание

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски во гостување на тв Сител посочи дека очекувал да има одговорност во СДСМ и во услови на криза како политичари да се генерира единство.

„Ние утре ќе имаме седница на Извршен комитет и ќе предложам како прв чекор после 10 мај да има некаква активна блокада на македонското Собрание. Тоа ќе биде активна блокада на сѐ, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните“ – рече Мицкоски.

Нагласи дека ќе ѝ предложи на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сѐ останато да биде блокирано во Собранието преку филибастеринг односно преку амандмани или преку активно говорење и на комисиските и на парламентарните седници.

„Најсреќни би биле инсталациите на СДСМ и Спасовски кои провоцираат дебата дека сите се исти да го напуштиме Парламентот и да го блокираме. Тогаш би поминало буквално сѐ и никој не би почувствувал дека нешто не е во ред во Македонија, а дефинитивно не е во ред ниту на полето на економијата, ниту во здравството, нити во образованието“ посочи тој.

Лидерот на најголемата опозициска партија нагласи дека не се сите исти и додаде дека мора да бидат „внимателни, мудри и трпеливи и секој чекор што го прават да биде многу сериозно осмислен и да бидат антиципирани ризиците со недели однапред“.

„Се плашам дека доколку и овој пат избрзаме Македонија ќе ја има сѐ помалку, а тоа повторно ќе биде на грбот на македонскиот народ. Затоа многу внимателно го предвидувам и анализирам секој чекор пред да излезам пред колегите од Извршниот комитет на партијата и да отвориме дебата за секоја наредна политика“ – рече Мицкоски.