Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и Медиумските работници (ССНМ) денеска, на 3-ти мај на Меѓународниот ден на слободата на медиумите го организираа завршниот настан под мотото „Безбедни новинари и медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“.
Целта беше да се испрати порака и да се подигне свеста за неопходноста од подобрување на безбедноста и социо-економското опкружување за новинарите и медиумските работници, како начин да се унапреди слободата на изразување како основно човеково право и зајакнување на улогата на медиумските организации во процесот на креирање политики.
Претседателот Стево Пендаровски беше домаќин на настанот.
„Безбедноста на новинарите е заедничка обврска на сите нас, но, пред се, на државните институции и политичките фактори, инаку, тоа не ни треба само како политичка флоскула. Сите државни институции се должни да овозможат непречен пристап до сите информации за нивната работа, за да можат новинарите квалитетно да ги информираат граѓаните. Безбедносните и правосудните органи треба навремено и неселективно да постапуваат во случаите кога се загрозува безбедноста на новинарите“ – рече претседателот Пендаровски.
Претседателот на ЗНМ – Младен Чадиковски рече дека кога станува збор за безбедноста на новинарите и слободата на говорот во нашата земја релативната слобода во која сега живееме не смее да не залажува.
„Без системски решенија што ќе гарантираат квалитетна медиумска содржина и независност на уредувачката и новинарската работа, цело време ќе се вртиме во круг. Време е за суштински промени кои ќе гарантираат слобода на работењето, затоа што слободата на говорот, на мислата, тешко се стекнува, мачно се заработува, но искуството ни вели дека многу лесно може да се изгуби. Да не го дозволиме тоа“ – истакна Чадиковски.