
Домашни и странски експерти на подготвителна седница на Уставен за Законот за јазиците
Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, на денешниот брифинг со новинарите информираше дека на 20 март во Уставниот суд ќе се одржи подготвителната седница за Законот за јазиците, на која ќе учествуваат повеќе експерти, вклучувајќи претставници од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Венецијанската комисија и професори од правните факултети во државава.
Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, на денешниот брифинг со новинарите информираше дека на 20 март во Уставниот суд ќе се одржи подготвителната седница за Законот за јазиците, на која ќе учествуваат повеќе експерти, вклучувајќи претставници од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Венецијанската комисија и професори од правните факултети во државава.
Тој рече дека на седницата се поканети Мартин Кујер, потпретседател на Венецијанската комисија и холандски врховен судија, кој ќе го образложи пријателскиот совет што нашиот суд го побара од Венецијанската комисија и Артурс Кучс, судија на Европскиот суд за човекови права со експертиза за малцинските права и употребата на малцинските јазици, кој ќе ја образложи праксата на ЕСЧП во слични случаи и ќе ги презентира европските стандарди за употребата на јазиците.
Од домашните експерти на седницата ќе присуствуваат Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија на ЕСЧП, проф. д-р Рената Дескоска, професор по уставно право и член на Венецијанската комисија, проф. Борче Давитковски, проф. Јетон Шасивари, професор по уставно право на Универзитетот за Jугоисточна Европа, Гордана Лажетиќ, експерт по казнено процесно право, Мерсељ Билали, експерт по меѓународно право, Денис Прешова, експерт по уставно право; Мерсим Максути од Државниот универзитет во Тетово, Абдул Меџит Нуредин од Меѓународниот универзитет Визион од Гостивар, доц. д-р Азам Кор Бајрам од Визион Гостивар, Жаклина Доведен, претседател на Апелационен суд Битола, Иван Џолев, претседател на Кривичен суд Скопје, Бурим Сејдини, претседател на Управен суд.
Претседателот дополни дека на седницата ќе се зборува само за материјалното право, бидејќи формалниот дел на уставноста е веќе апсолвиран. Станува збор за Указот за Законот за јазици за кој е веќе одржана подготвителна седница во 2021 година. Ќе се дискутира за шест спорни прашања кои јавноста ќе ги дознае на самата седница.
Подготвителната седница се свикува пред Уставниот суд да донесе одлука за поведување постапка. На седницата се повикуваат стручни органи, научни и стручни соработници. Со поканата се содржат наводите во иницијативите, правната состојба и спорните правни прашања што биле одредени од судот. Подготвителната седница почнува со краток осврт на судијата известител за фактичката и правната состојба и кои биле спорните прашања, при што сите учесници ги даваат своите правни мислења исклучиво за спорните прашања.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии и здруженија, оформен во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.
Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, Васко Лазески, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. По одржувањето на подготвителната седница, судијата известител има рок од шест месеци да подготви реферат за предметот.