
ДУИ: Секој обид за оспорување на Законот за јазиците е обид за оспорување на уставниот поредок
ДУИ се огласи на четири годишнината од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците. Од партијата оценуваат дека се прават обиди за напад на најчувствителното прашање од Охридскиот рамковен договор – прашањето за јазикот.
ДУИ се огласи на четири годишнината од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците. Од партијата оценуваат дека се прават обиди за напад на најчувствителното прашање од Охридскиот рамковен договор – прашањето за јазикот.
Од партијата велат дека со оспорувањето на Законот за употреба на јазиците не се прави ништо друго освен, напад врз темелите на соживотот и евроатланската ориентација на државата. За политички мотивиран и репресивен чин го сметаат оценувањето на уставноста на Законот, кој, како што велат, доведува до создавање тензии и отворање на старите рани од минатото.
„Денес ја одбележуваме четвртата годишнина од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците – моментот кога беше заокружен легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, со што албанскиот јазик го доби заслуженото место во нашиот мултиетнички државен систем. Но, четири години подоцна, антиохридските духови повторно се разбудија за да го нападнат најчувствителното прашање, токму таму каде што синџирот е најслаб – во прашањето на јазикот, најсилниот симбол на еднаквоста и меѓуетничката хармонија“, посочуваат од партијата.
Додаваат дека секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на Северна Македонија.
„Им упатуваме апел на сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне во патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици. ДУИ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад. Јазичната еднаквост е неприкосновено право и ќе остане такво“ порачаа од ДУИ.