Македонија меѓу 180 земји шитум светот го зазема 57-мо место на листата според Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници за 2022 година. Ова претставува е скок од 33 позиции во однос на минатата година кога земјава беше рангирана на 90. место.
Во Извештајот се наведува дека иако новинарите во земјава не работат во непријателска атмосфера, распространетите дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.
„Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои објавуваат плагијат и прават копи-пејст на таквата содржина. Исто така, постои голем јаз помеѓу употребата и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост“ се вели меѓудругото во Извештајот во однос на медиумскиот пејзаж.
Во однос на политичкиот контекст се наведува дека „целокупната средина останува поволна за слободата на печатот и дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е прилично слаба. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените”.
„Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“ – стои во Извештајот.
Во однос на правната рамка се наведува дека додека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата заостанува во однос на усогласувањето на законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да се приклучи.
Во однос на безбедноста се наведува дека иако 2021 била релативно мирна, новинарите се често мета на вербални напади.
„Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие може да бидат изложени на правен притисок и навредливо гонење. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Се подготвуваат амандмани за подобра заштита на новинарите“ се наведува во Извештајот на Репортери без граници за С. Македонија.