Бучковски: Петков во Битола се најде во стапица!

Владо Бучковски – екс-премиерот и поранешен специјален претставник за односите со Бугарија денеска во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека премиерот на Бугарија – Кирил Петков се нашол во „стапица на бугарските националисти“ при отворањето на клубот „Иван Михајлов“ во Битола.

„Тој според мене се најде во една стапица. Несакајќи да остави, условно речено, националистите да ја водат приказната околу евентуалниот компромис со Македонија, беше изложен на еден притисок и од нашата домашна јавност кај која загуби дел од симпатиите затоа што сите ние верувавме дека неговиот пристап е вистинскиот начин како ние да дојдеме до одржливо решение“ рече Бучковски.

Тој смета дека во овој момент и самото бугарско општество не е созреано да прифати одблокирање на евроинтегративниот пат на Македонија и со тоа се врши притисок на прогресивните сили во Бугарија.

„Сега е вистински проблем да изградиме систем, кој засега не функционира, на взаемно уважување, барајќи во такви околности некои точки кои може да не поврзат, каде би бил тој заеднички содржател, кој во овој момент ние не го гледаме“ смета тој.

За новиот клуб за бугарско-македонско пријателство Бучковски смета дека целта е да се извлечат бугарско-македонските односи од „ќорсокакот” во кој моментално се наоѓаат.