Русија поставува барања за разговорите со САД за Украина

Русија им претстави на САД список со барања за договор за прекин на војната против Украина и ресетирање на односите со Вашингтон, изјавија за Ројтерс лица запознаени со ова прашање.

Русија им претстави на САД список со барања за договор за прекин на војната против Украина и ресетирање на односите со Вашингтон, изјавија за Ројтерс лица запознаени со ова прашање. Не е јасно што точно ставила Москва на својата листа ниту дали е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред да ги прифати барањата, наведува агенцијата.

Руските и американските официјални лица разговараа за условите за време на лични и виртуелни разговори во текот на изминатите три недели, велат изворите. Тие ги опишаа условите на Кремљ како широки и слични на барањата што претходно ги постави кон Украина, САД и НАТО.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека американските официјални претставници одат во Русија на разговори за американско-украинскиот договор за 30-дневен прекин на огнот и за патот кон мировните преговори.

Претходните руски услови вклучуваа нечленство на Киев во НАТО, договор да не се распоредуваат странски војници во Украина и меѓународно признавање на тврдењето на претседателот Владимир Путин дека Крим и четири региони припаѓаат на Русија.

Русија, исто така, во последниве години побара од САД и НАТО да ги решат, како што ги нарече, „основните причини“ на војната, вклучително и проширувањето на НАТО кон исток.

Трамп го чека одговорот на Путин за тоа дали ќе се согласи на 30-дневен прекин на огнот што украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот рече дека ќе го прифати како прв чекор кон мировните преговори.

Во Киев, украинскиот претседател Зеленски го поздрави овонеделниот состанок во Саудиска Арабија меѓу американските и украинските претставници како конструктивен и рече дека потенцијалниот 30-дневен прекин на огнот со Русија може да се искористи за да се постигне поширок мировен договор.

Американските и руските официјални лица во последните недели изјавија дека нацрт-договорот за кој Вашингтон, Киев и Москва разговараа во Истанбул во 2022 година, може да биде почетна точка за мировните преговори.

Во овие разговори Русија побара Украина да се откаже од амбициите за НАТО и да прифати постојан статус без нуклеарно оружје. Тие побараа и вето на акциите на земјите кои сакаат да и помогнат на Украина во случај на војна.