
Прво информацијата ја објави „Инфомакс“ пред два дена, а денеска опозициските СДСМ и Алијанса за Албанците соопштија дека на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, му било одбиено барањето за американска виза. Министерот, наводно, требало да присуствува на конференција на Обединетите нации.
Лимани на оваа функција е како претставник на Беса во политичката групација „Вреди“. Претходно долги години беше во ДУИ и од таа партија беше делегиран во раководните органи на МЕПСО и ЕСМ. Од 2022 е потпретседател на Беса.
Веројатно дека неговото претходно политичко учество има врска со одбивањето да му се даде американска виза. Алијансата за Албанците на Зијадин Села во соопштение вели дека тоа е голем скандал за целата влада, а не само за Лимани и неговата партија.
„Наместо да даде јасни објаснувања и да преземе одговорност, министерот Лимани ја одложи својата реакција и вечерта на социјалните мрежи призна дека има ‘ограничени движења’ поради неговото политичко минато, наводно обвинувајќи го својот поранешен ангажман“.
АА додава:
„Бараме итна оставка или разрешување на Фатмир Лимани. Ова не е само личен неуспех од негова страна, туку црна дамка на целата влада. Молкот на премиерот и неговите партнери покажува или неспособност да се справат со оваа криза, или страв да се каже вистината.
Граѓаните заслужуваат влада која не ја посрамотува државата на меѓународен план. Алијансата за Албанците ќе инсистира овој срам да не се прикрива“.
СДСМ реагира слично, велејќи дека се случува скандал до скандал во Владата на Мицкоски. „Иако тврди дека гради стабилни односи со САД, премиерот крие од јавноста дека неговиот министер, Фатмир Лимани, добил забрана за влез во САД.
Ова отвора сериозни прашања за кредибилитетот на владините претставници и за политиката што ја води Мицкоски. Доколку тој навистина ужива поддршка од американската администрација, како што често тврди, сега е моментот да го докаже тоа со конкретни чекори.
Во спротивно, неговата тишина само ќе потврди дека во Владата се толерираат контроверзни личности. Јавноста има право да знае: кои се причините поради кои Лимани е прогласен за непожелен во САД? Дали ова значи дека тој е вмешан во скандал што ја загрозува меѓународната репутација на земјата?“, вели СДСМ.
И уште додава:
„Ги повикуваме Лимани и Мицкоски веднаш да излезат пред јавноста и да одговорат:
Зошто министерот има забрана за влез во САД? Дали ќе биде разрешен или Владата ќе продолжи да го штити?“