Студенти од ФИНКИ ќе работат на дигиталните системи на МОН, а зграда ќе почекаат уште најмалку три години

Студенти од ФИНКИ, заедно со своите професори, како општествено одговорни кон државата, денеска се обврзаа да работат на дигиталните системи кои ги оперира МОН, но за зграда, во која ќе учат и ќе следат настава ќе почекаат до крајот на мандатот на оваа Влада.

Студенти од ФИНКИ, заедно со своите професори, како општествено одговорни кон државата, денеска се обврзаа да работат на дигиталните системи кои ги оперира МОН, но за зграда, во која ќе учат и ќе следат настава ќе почекаат до крајот на мандатот на оваа Влада.

– Студенти од ФИНКИ од денес ќе му помагаат на МОН во унапредување на дигиталното работење и забрзување на процесот на дигитализацијата во образованието. Ќе дадат поддршка на тековното одржување на дел од информациските системи и дигитални платформи со кои рапсолага министерството. Ќе учествуваат во креирање и имплементација на нови техничко-технолошки решенија во воспитно -образовниот процес, а со нивното знаење очекуваме да ја прошириме и листата на дигитални услуги кои ќе им бидат достапни на граѓаните односно на учениците, студентите, наставниците, родителите – рече министерката за образование, Весна Јаневска.

Во нивните активности ќе учествуваат и нивните професори. Денеска потпишаниот Меморандум нема временска рамка, па ќе биде можно да се зголемуваат и самите активности.

Дополнително, факултетот ќе организира, едукативни активности во форма на обуки, работилници, семинари за стручно усовршување на вработените во министерството за образование, а МОН ќе поддржи практично усовршување на студентите од ФИНКИ, појасни Јаневска.

Предвидени се и заеднички стручни, научни истражувања и анализи, како и организација на хакатони и натпревари за млади од информатичката сфера.

– Ние имаме многу вработени, но Министерството нема капацитет за да може да ги обавува своите секојдневни потреби и да ги испорача услугите кон граѓаните во овој случај училиштата и сите други образовни институции – рече Јаневска.

Оттука, во овој дигитален свет, со овој Мемурандум МОН добива на сила, затоа што нема доволно информатичари за извршување на сите задачи. Студнетите на овој начин ќе ја зајакнат својата пракса, а доколку во иднина се отворат можности, нивниот труд ќе биде вреднуван.

Деканот на факултетот проф.д-р Јакимовски рече дека нивните студенти се особено мотивирани и иновациски настроиени, за кои смета дека нивниот капацитет може многу повеќе да се искористи во поддршката на министерството и другите државни институции со кои се во процес на потпишување слични договори.

Факултетот поседува современа ИТ опрема, со која може да се изградат соодветни и безбедни дигитални системи. Јакимовски смета дека на овој начин студентите ќе можат да се стекнат со практично искуство, кое досега го здобивале во приватни компании, но треба да се запознаат и со јавниот сектор.

Прашана за доградба на зградата во која треба да биде сместен ФИНКИ, Јаневска рече дека процедурата е во тек, а таа се надева дека во текот на нивниот мандат, зградата ќе биде завршена.