
СДСМ: Мицкоски и Таравари се препелкаат во лаги – зошто веднаш не ја отфрлаат штетната понуда за Клинички
- Изјавите на Таравари и Мицкоски за давањето на паркингот на Клинички на стопанисување на „Ѓока Констракшн“, со што 99% од добивката ќе оди кај албанската компанија, а само 1% ќе остане за државата, се контрадикторни и јасно укажуваат на тоа дека зад оваа зделка се крие сомнителен договор, велат од СДСМ.
Од СДСМ велат дека не е јасно кој повеќе лаже – дали Мицкоски или Таравари во однос на случајот со паркингот на Клиничкиот центар.
„Изјавите на Таравари и Мицкоски за давањето на паркингот на Клинички на стопанисување на „Ѓока Констракшн“, со што 99% од добивката ќе оди кај албанската компанија, а само 1% ќе остане за државата, се контрадикторни и јасно укажуваат на тоа дека зад оваа зделка се крие сомнителен договор.
Прво, како е можно Таравари да тврди дека договорот ќе биде на 7-8 години и дека потоа Клиничкиот центар нема да биде таму, кога само пред неколку недели Владата потврди дека нов Клинички центар нема да се гради? Тоа значи дека Клиничкиот центар ќе остане на истата локација. Зошто Таравари ја лаже јавноста и се обидува да ги ублажи критиките со вакви изјави? Ова јасно покажува дека тој добро знае дека договорот е штетен, но сака да помине што полесно во јавноста.
Понатаму, дали Мицкоски намерно остава простор за потпишување на договорот кога вели: „предвид ја земаме тендерската спецификација и, се разбира, фирма што нема кредибилитет, нема бонитет, ниту технички карактеристики, нема да биде избрана и тука сето тоа завршува“? Дали тоа значи дека, ако фирмата има бонитет и кредибилитет, овој скандалозен договор треба да се потпише? Зошто Мицкоски не го отфрли веднаш, туку се двоуми? Дали и тој е дел од целата оваа зделка?
Дополнително, како е можно тендерската процедура да е завршена, а сè уште да не се знае дали фирмата ги исполнува критериумите за бонитет, кредибилитет и реноме? Што правеле во Министерството за здравство за време на тендерската постапка? Зошто Владата не ја објави физибилити студијата? Што крие? Владата мора да го објави и официјалниот повик за тендерот – ако договорот сè уште не е потпишан, јавноста треба да види како точно било формулирано барањето од Министерството за здравство и дали веќе во оваа фаза се подготвувал овој штетен договор“ велат од опозициската партија.
СДСМ бара итно објавување на повикот од страна на Министерството за здравство, објавување на физибилити студијата според која е распишан тендерот, целосна транспарентност за тоа дали штетниот договор со „Ѓока Констракшн“ бил однапред подготвуван.