
За Најчевска е сомнително големото намалување на казната за Боки 13
Боки 13 во 2020 година беше прогласен за виновен и доби казна затвор од девет години за кривични дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси“.
Скопскиот Апелациски суд одлучи да му ја намали казната од девет на пет години на Бојан Јовановски (Боки 13) и со тоа ефективно да му го прекине извршувањето на затворот цо случајот „Рекет“. По оваа одлука Боки 13 има да одлежи уште неколку месеци затвор, но тој во овој момент е на слобода поради здравствени проблеми и сосема веројатно и нема да се врати зад решетките. Боки 13 во 2020 година беше прогласен за виновен и доби казна затвор од девет години за кривични дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари и други приноси“.
Професорката Мирјана Најчевска има значително соменвање за начинот на кој е речиси преполовена казната за Бојан Јовановски. Во изјава за „Рацин“ таа вели:
„Според мое мислење ваквото преиначување на пресудата е проблематично по повеќе основи.
Како прво, проблематичен основот за преиначување од чл. 447 кога по правосилноста на пресудата ќе се јават околности што ги немало кога се изрекувала пресудата или не биле познати иако постоеле, а тие очигледно би довеле до поблага осуда“
Имено, здравствените проблеми на осудениот се спомнуваа во повеќе наврати во текот на постапката и судот очигледно решил да не ги земи предвид. Значи тешко може да се прифати дека станува збор за околности кои ги немало или не му биле познати на судот“.
Најчевска вели дека „здравствената состојба не е нешто кое судот го зема предвид при одмерување на казната“. Во спротивно, истакнува таа, „сите хронично болни убијци, силувачи, насилници би добиле полесни казни, што би претставувало дискриминација врз основа на здравствена состојба.
Во затворите во Македонија има многу затвореници со дијабет, висок притисок, срцеви заболувања, како и многу стари затвореници, кои примаат редовна терапија. Затворот треба да обезбеди соодветни услови за издржување на казната затвор за овој вид затвореници, а не да им се намалува казната“.
За Најчевска проблематично е тврдењето за исклучително тешката здравствена состојба и потребата од постојано домашно лечење ако се има предвид снимањето на музички спот во период кога осудениот би требало да се наоѓа во затвор.