Денешниот дополнителен увид на автобусот кој се запали во вторникот на автопатот „Струма“ во Бугарија покажал дека таму е пронајдено уште едно тело на дете. Ова денеска го соопшти заменик-главниот обвинител и шеф на Националната истражна служба на Бугарија – Борислав Сарафов.
Сарафов денеска потврди дека во понеделниот вечерта во 21.15 часот по бугарско време преку граничниот премин „Капитан Андреево“ од Турција во Бугарија со автобусот на „Беса транс“ влегле 52 лица. Од нив 45 загинати биле пронајдени во опожарениот автобус, а седум повредени патници биле пренесени во софиската болница „Пирогов“.
Тој информираше и дека бугарските истражители и обвинител кои допатуваа во Македонија ќе останат во Скопје до недела.
„Мора да ја донесат документацијата поврзана со автобусот и ДНК профилите на роднините на загинатите. Веднаш потоа ќе започне идентификацијата на жртвите од несреќата“ рече Сарафов.