Објавувањето на цените на интернет ќе стане обврска за маркетите

Предлогот за јавно истакнување на цените на сите производи на веб страниците на трговците, најпрвин го најави премиерот Мицкоски, кој на прес конференција рече дека кај некои партии и медиуми наишол на потсмев. Сега оваа препорака, пратеници од партијата на премиерот, ја преточуваат во законска обврска.

Маркетите на нивните интернет страници ќе мора да ги ажурираат податоците за сите производи кои што ги продаваат и тоа на дневна основа. Ова се предвидува во законскиот предлог за заштита на потрошувачите што го поднесоа пратеници од владејачкото мнозинство. Ова беше предвидено како препорака, но не и како обврска во неодамнешната одлука на Владата со која се ограничија маржите воп трговијата на големо и на мало за одредени основни прехранбени и непрехранбени производи, и се замрзнаа цените на дел од производите до 30 април годинава.

Предлогот за јавно истакнување на цените на сите производи на веб страниците на трговците, најпрвин го најави премиерот Мицкоски, кој на прес конференција рече дека кај некои партии и медиуми наишол на потсмев. Сега оваа препорака, пратеници од партијата на премиерот, ја преточуваат во законска обврска.

Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, денеска рече дека Законот за заштита на потрошувачите влегува во натамошна собраниска процедура. Според него, овој закон ќе донесе транспарентност, фер конкуренција и заштита на потрошувачите.

„Во насока на заштита на стандардот на граѓаните ние укажавме дека нашите мерки ќе одат во два правци. Едниот е јавно објавување на цените на маркетите на нивните веб страници и вториот е мерката за која што Владата ги извести граѓаните. За таа цел сакам да ве известам дека на денешната седница во понатамошна парламентарна постапка ќе помине Законот за потрошувачи поднесен од парламентарното мнозинство со кој што се уредува обврска за трговецот да ги означува и да ги објавува стоките со продажната и единечната цена за стоките на недвосмислен, видлив и читлив начин, а со цел подобра информираност на потрошувачот и за олеснување на споредливоста на цените“, изјави Стојановски на прес конференција во Собранието.

Согласно законот, големите, средните и малите трговци кои вршат дејност на трговија на мало, со шифра 47 согласно со Националната класификација на дејности, се должни на својата веб страница да ја објават одделно за секој свој продажен објект тековната продажна односно единечна цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба.

„Усогласување на цените ќе се врши на дневна основа, а при објавувањето на цените ќе се применуваат одредбите од овој Закон за означување на цените. Исто така, со овој Закон се дава овластување за министерот за економија и труд да го пропише со подзаконски акт начинот на објавувањето на цените на стоките и податоците кои што треба да се објават согласно со ставот 1 од овој член. На ваков начин ќе се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите за цените на стоките кои сакаат да ги купат и ќе се олесни споредливоста на цените“, рече Стојановски.

Дополнително, се дава и овластување на инспекторите да постапуваат на терен и да казнуваат доколку овој основ не биде застапен во маркетите.

„Одредбите од членот 15 од овој Закон нема да се однесуваат за микро–трговец и трговец-поединец, па во оваа насока се врши допрецизирање на прекршочните одредби. Со објавувањето на цените на интернет ќе се обезбеди постигнување на следниве цели: транспарентност – потрошувачите ќе имаат лесен пристап до информации за цените, фер конкуренција – трговците ќе бидат подеднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби и заштита на потрошувачите – тие ќе бидат заштитени од нефер практики како што се скриени трошоци или нејасни цени“, појасни Стојановски.

Овој закон, како што дополни, досега е успешно имплементиран во Израел, Италија, Франција и Хрватска и секаде има намалување на цените.

„На ваквиот начин се дозволува потоа по основ на овој закон и на објавените цени, да се креираат апликации и алатки на интернет каде што граѓаните ќе може директно да ги споредуваат цените и да одлучуваат во кој маркет ќе може да добијат најмногу за нивните пари“, потенцираше Стојановски.