
Грчко МНР: Единствено решение е општоприфатлив, праведен и траен мир во Украина
Единственото решение е да се прекинат смртоносните конфликти и да се воспостави општоприфатлив, праведен и траен мир за Украина, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција по повод тригодишнината од руската инвазија во Украина и посочија дека ја осудуваат употребата на насилство и заканите за употреба на насилство против суверени држави
Единственото решение е да се прекинат смртоносните конфликти и да се воспостави општоприфатлив, праведен и траен мир за Украина, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција по повод тригодишнината од руската инвазија во Украина и посочија дека ја осудуваат употребата на насилство и заканите за употреба на насилство против суверени држави, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Грција посочија дека на денешната годишнина од руската инвазија изразуваат жал и почит кон илјадниците луѓе кои ги загубија животите, а се осврнаа и на грчката дијаспора во Мариупол и околните области, „кои ги почувствуваа ужасите на војната и продолжуваат да ги чувствуваат нејзините последици“.
– Грција секогаш и како прашање на принцип го поддржува почитувањето на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации и ја осудува секоја употреба на насилство, како и заканата со употреба на насилство против суверени држави. Единственото решение е да се прекинат смртоносните конфликти и да се воспостави општоприфатлив, праведен и траен мир за Украина, соопштија од грчкото МНР.
За тригодишнината од руската инвазија во Украина, Украинците кои живеат во Грција вчера одржаа мирен протест во центарот на Атина.