САД и се заканиле на Украина дека ќе и го исклучат пристапот до „Старлинк“

Прашањето околу минералните ресурси, како што пишува Ројтерс, било повторно покренато во четвртокот за време на состаноците меѓу Кит Келог, специјалниот пратеник на САД за Украина, и претседателот Володимир Зеленски

Вашингтон се заканил дека ќе ја исклучи Украина од сателитскиот интернет од системот „Старлинк“ ако Киев не прифати договор за развој и користењето на нејзините минералните ресурси од страна на САД, пренесува Ројтерс.

Според анонимни извори, во извештајот се наведува дека ова било дискутирано меѓу американски и украински официјални лица, а откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го одби првичниот предлог на американскиот министер за финансии Скот Бесент.

Прашањето околу минералните ресурси, како што пишува Ројтерс, било повторно покренато во четвртокот за време на состаноците меѓу Кит Келог, специјалниот пратеник на САД за Украина, и претседателот Володимир Зеленски.

За време на состанокот, на Украина и било кажано дека ќе се соочи со итно затворање на услугата доколку не постигне договор за критичните минерали.

„Украина функционира на ‘Старлинк’. Тие го сметаат за своја северна ѕвезда. Губењето на ‘Старлинк’ би било огромен удар“, вели изворот.

Зеленски ги отфрли барањата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп велејќи дека САД не понудиле конкретни безбедносни гаранции.

Во петокот, украинскиот претседател рече дека тимовите на САД и Украина работат на договор и Трамп рече дека очекува наскоро да биде потпишан.

Овој сателитски интернет е во сопственост на „Спејс икс“, компанија на милијардерот Илон Маск кој се наоѓа во најтеснот круг соработници на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Маск пренесе илјадници терминали на „Старлинк“ во Украина за да ја заменат комуникациската инфраструктура уништена од Русија по нејзината инвазија во февруари 2022 година. Поздравен во тоа време како херој во Украина, Маск подоцна го ограничи пристапот, бидејќи стана покритичен кон начинот на кој Киев се справува со војната.

Мелинда Харинг, висока соработничка на Атлантскиот совет, рече дела „Старлинк“ е од суштинско значење за операциите на Украина со беспилотни летала, клучен столб на нејзината воена стратегија.

„Губењето на ‘Старлинк’ би ја променило играта“, рече Харинг, истакнувајќи дека Украина сега е на еднаквост 1:1 со Русија во однос на употребата на беспилотни летала и артилериски гранати.

Инаку, Трамп побара од Украина да им се оддолжат на САД за дадената помош во војната со Русија, преку договор за експлоатација на украинскит ретки минерали во вредност од 500 милијарди долари.

На ова украинскиот претседател, Володимир Зеленски одговори дека САД ѝ дале на Украина 67 милијарди долари помош во оружје и 31,5 милијарди долари буџетска поддршка, а не 500 милијарди долари, наведувајќи дека не може да ја продаде својата земја.

Дополнително Украина и европските лидери се лути што се изоставени од мировните преговори, чии контури во вторникот беа исцртани на средба меѓу високи претставници на САД и Русија во Ријад, а кои уследија по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп и неговиот руски колега, Владимир Путин, минатата недела.