Проф. Чупеска: Против – правосуден вратолом

Во врска со интерпелациите на петте члена, важно е да се потенцира едно прашање: Бидејќи владата сега, изготвува нов закон за Судскиот совет, кој според нив ќе биде „наскоро“ готов, зошто, побогу, толку брзаат и инсистираат на оваа интерпелација, која така како што они ја замислиле е де факто незаконита?!

Како flashback-oви, од минати управувачки епизоди на ДПМНЕ, ги следиме случувањата кои беа опишани со следниве зборови на премиерот (Претседателот на извршната власт) г-нот Мицкоски.

Имено дека: „Ќе му зададе удар во чело на судството“.

Каков налет, невиден до сега.

Насилен, би рекла.

На врат или на нос, по секоја цена, засега во три јасни секвенционирања, „ударот во челото на судството“ власта, прво го опна, со ингениозните идеи за противзаконито интерпелирање на петте члена на Судскиот совет, за нивно острахирање како неподобни, а со тенденција да бидат заменети со лојалисти.

Во врска со интерпелациите на петте члена, важно е да се потенцира едно прашање: Бидејќи владата сега, изготвува нов закон за Судскиот совет, кој според нив ќе биде „наскоро“ готов, зошто, побогу, толку брзаат и инсистираат на оваа интерпелација, која така како што они ја замислиле е де факто незаконита?!

Или,  зашто се брза со постапките за разрешување баш на тие пет члена, со високо компромитирани законски околности, и со очигледно нарушување на уставно гарантираната поделба на власта.

Зошто?!

Се прашувам?

Веројатно, за инат.

Од друга страна, СДСМ, е со јасен став и со целосна спремност конструктивно да се посвети на суштински, а не плукни-залепи реформи. Следствено, се поставува и уште едно легитимно прашање за можно решение на оваа блесава работа.

Ако вистина има волја за реформи, зошто да не се почека со разрешувањето, до донесувањето на новиот закон кој е сега во подготовка?! Па по него, ќе видиме што е со таа проблематична интерпелацијата, односно, како ќе се развласти сегашниот Судски совет, односно, како истиот ќе се реформира и обнови согласно насоките на оценската мисија и мислењето на Венецијанската Комисија.

Ако за ова нема кај власта слух, чиста демагогијата е декларираната т.е. наводната желба за правосудни реформи, над која виси и сомнеж дека интенцијата е јасна, т.е. намерата е да се партизира правосудството преку инсталирање на партиски лојалисти. Затоа што, вака како што е сега поставена, интерпелацијата н.п е незаконска и неуставна, и за оваа материја регулирацијата е со статус на Lex specialis (во случајот законот кој е во подготовка)!

Значи, логично би било да се донесе, па потоа реформски да се интервенира во Судски совет – по новиот закон.

Второ, ударот во чело, се осети и во желбата да се разреши Републичкиот обвинител. Изјавите на извршната власт дека нема да го земе предвид мислењето на Советот, преносно – дека баш му е гајле на МП за една важна законска одредба врзана за овој процес, се сериозно проблематични.

Одредбата за која баш им е гајле е следнава: Законот за јавно обвинителство – член 63, став 3, јасно предвидува дека Советот на јавни обвинители треба да даде мислење по предлог на владата.

Третиот удар, всушност, редоследно прв беше, е поврзан со фактот дека веќе се случи инсталација на судско партиски лојалисти како оние од типот на сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ , која беше назначена за член на Судскиот совет, и сопартиец на Меџити во Советот на јавни обвинители.

Сепак, да не заборавиме и на тоа дека, во Извештајот за напредокот од 2024, ставено во фокус беше тоа дека РСМ има проблем со политичкото мешање во правосудство, и тоа дека, од РСМ се бара да бидат спречени обидите за несоодветно влијание или заплашување (ова, беше конкретно врзано за најавените намери за распуштање на двата совети), што според вордингот на ЕК „предизвикува сериозна загриженост“! Овој вординг е во високоризичните, патем.

Седи ќец.

Другар(ч)иња,политиката е одговорна работа, а управувањето со институциите и со животите на граѓаните е уште поодговорна.  Кој е спремен за сериозни реформски зафати, не би требало да чкртка-пртка боенки со хералдички сликички, и да се занимава со се нешто инфантилно, наспроти суштински и уставни овластувања за демократско управување. Одговорните лидери, пак, носат суштински и долгорочно одржливи одлуки. Бараат решенија, и не треба да создаваат проблеми. Треба да ги решаваат.

Во спротивно не би можеле да бидат лидери, туку обични извршители. Или што би рекол Премиерот, измеќари.

Сумирано,

Власта, се чини дека нема вистинска намера да го реформира правосудството. Туку има порив во налет да го субординира и потлачи под својот извршен чадор. Очигледен е процесот на партизација и на политички упад во третата власт, мили мои.

А, секој, нормален граѓанин, сака нашето правосудство да се реформира. Но, овој демагошки и дисморфичен make up личи на се , само на реформа не. Тенденцијата на извршната власт, е јасна, како бел ден: Сака да изврши упад во независноста на правосудната власт и да се инсталираат послушници.

Но, ова не само што е проблематично од спект дека т.н. реформа е демагогија, туку, на друго ниво е силен удар врз демократијата, удар врз уставната поделба на власта ( на законодавната, извршна и судска).

Ваквите дејствија, конечно, имаат единствен мотив – за воспоставување на целосна контрола врз институциите на политичкиот систем, а тоа е спротивно на секоја уставна демократија, па и на нашата Република.

Колумна на проф. Ана Чупеска, потпретседателка на СДСМ

*Ставовите изразени во објавата се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика