Возачот кој ја прегази младата девојка на „Партизанска” возел без дозвола и под дејство на алкохол
Дваесетгодишното момче кое доцна синоќа ја прегази младата девојка на „Партизанска“ во Скопје, возел без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено светло, соопшти обвинителството.
Дваесетгодишното момче кое доцна синоќа ја прегази младата девојка на „Партизанска“ во Скопје, возел без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено светло, соопшти обвинителството.
Спроведена е истрага против него за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот 20-годишник, на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственсот на неговиот татко по десната сообраќајна лента од бул.„Партизански Одреди“.
Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка.
Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“ соопшти обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Усмртената девојка на „Партизанска“ била дизајнерка од Неготино
22-годишната дизајнерка Фросина Кулакова од Неготино е жртвата од тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на булеварот „Партизанска“ во Скопје , објави „Фокус“. Ја удрил автомобил управуван од 20-годишно момче, а од здобиените повреди таа веднаш починала.
Целата македонска јавност е во шок и неверување од несреќата која на скопските улици однесе уште една млада жртва. Повеќе детали за околностите во кои се случила трагедијата се уште не се соопштуваат. Од МВР го потврдија настанот, а пак како што информира Обвинителството, возачот бил задржан и за него е издадена наредба за испитување на крв и урина.
Во Неготино се уште не веруваат дека нивната млада сограѓанка ја нема.
-Чиста, невина душа пред која беше целиот живот. Таа имаше уште многу да и даде на заедницата, да му даде на светот…, коментираат сограѓаните.
„Пред само седум месеци ја воодушеви јавноста со нејзините модели на годишната ревија на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ каде студираше. Нашите мисли се со нејзиното семејство, никој, никогаш да не доживее ваква болка, велат сограѓани на младата девојка“.