Како дел од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, рано утринава беа ослободени 90 палестински затвореници од израелските затвори, соопшти палестинската милитантна група.
Меѓу ослободените Палестинци има 69 жени и 21 млад маж од окупираниот Западен Брег и Ерусалим, се вели во соопштението, пренесе Би-би-си. Израелската затворска служба објави дека 90 палестински затвореници се ослободени на окупираниот Западен Брег.
Прекинот на огнот во Газа, договорен меѓу Израел и Хамас, стапи на сила вчера во 11:15 часот по локално време, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.
Меѓу ослободените палестински затвореници е и палестинската политичарка Калида Џарар, која рано утринава пристигна во Рамала, град на окупираниот Западен Брег, јавува Би-Би-Си.
Џарар е водач на Народниот фронт за ослободување на Палестина, група означена како „терористичка организација“ од Израел, САД и ЕУ.
Хамас во неделата попладне ослободи три заложнички и ги предаде на Црвениот крст во градот Газа. Според Ројтерс, повеќето од ослободените Палестинци неодамна беа приведени и не им се судеше. За време на првата фаза од прекинот на огнот, се очекува Израел да ослободи околу 1.900 палестински затвореници, додека Хамас се очекува да ослободи околу 33 израелски заложници.