Главниот македонски јавен обвинител денеска во интервју за тв Сител рече дека видел празни пластични туби кај изгорениот автобус во кој настрадаа македонските државјани во Бугарија, но ги отфрли шпекулациите дека во нив имало гориво кое го предизвикало силниот пожар.
„Кога бев на местото на настанот имаше четири пластични туби кои што беа празни и воопшто не беа оштетени. Тубите беа позади автобусот, но истражителите ме известија дека тие биле во просторот кај моторот, каде што е сместен акумулаторот и врз него има празен простор и тука се наоѓале тубите. Тој дел од автобусот е најмалку оштетен, делот кај моторот воопшто не е зафатен со пожарот“ рече Јовески.
Тој наведе и дека првенствена цел на утрешната посета на бугарските истражители и на еден јавен обвинител е да се подигнат материјалите од Судска медицина кои се земени од роднините на загинатите и извршените ДНК анализи, за потоа истите да се споредат со обдукцијата на загинатите лица во Бугарија.
„Целосно е завршено земањето на материјал и извршени се ДНК анализите. Јас имам уверување од директорот на Судска медицина дека утре најкасно до 12 часот овие материјали ќе бидат комплетно обезбедени за да може да им се предадат на истражителите од Бугарија. Верувам дека тоа ќе биде брзо. И бугарската и македонската страна работи на тоа што побрзо да бидат пренесени остатоците во земјата и да бидат предадени на нивните блиски. Утврдувањето на идентитетот на загинатите во незгодата нема да трае долго. Очекувам во следните неколку денови тој процес да заврши. Јас имам информација дека обдукциите во Бугарија се завршени, извршени се ДНК анализи на загинатите. Таму ќе треба само тие податоци да се споредат, верувам дека тој процес нема да одземе повеќе од неколку денови“ истакна Јовески.
Околу информаците кои денеска ги загатнаа бугарските власти на утринската прес-конференција дека автобусот го напуштиле осум патници, иако во болницата „Пиргов“ во Софија се сместени само 7 Јовески рече дека според изнесеното од едниот од патниците кои се во болница, тоа е точно.
„Да точна е информацијата дека автобусот го напуштиле осум патници, тоа е информација од патникот кој што беше во болницата и којшто фактички го скршил задното стакло на автобусот, беше кажана таква информација, но тоа е сепак само негово забележување, јас верувам дека овие факти, овие околности ќе се уточнат врз основа на материјалните траги“ рече јавниот обвинител.