Политиката на проширување на Европската унија како приоритет на полското претседателство со Советот на ЕУ беше главниот фокус на разговорите меѓу шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, и еврокомесарката за проширување Марта Кос, кои синоќа се одржаа во Варшава.
Сикорски ѝ кажал на Кос дека за остварување на мотото на полското претседателство, „безбедност, Европо!“, политиката за проширување на ЕУ е важен сегмент, поради што ќе биде третирана како приоритет од полското претседателство, соопшти полското министерство за надворешни работи. Сикорски истакнал дека политиката на проширување е многу важен инструмент за консолидација и унапредување на мирот, демократијата, владеењето на правото и просперитетот во Европа.
Шефот на дипломатијата додал дека Полска смета на брзо отворање на првиот преговарачки кластер – посветен на основните прашања како што се судството и владеењето на правото – со Украина и Молдавија. „Тоа ќе овозможи пристапните преговори на овие земји да влезат во активна фаза и да се отворат вратите за понатамошен напредок“, министерот Сикорски.
Тој ја уверувал Кос дека Полска ќе ги поддржи и своите партнери од Западен Балкан на нивниот пристапен пат. За време на претседавањето, Полска ќе работи на отворање натамошни преговарачки кластери со Албанија и затворање на повеќе преговарачки поглавја со Црна Гора. Во исто време, се работи на пристапување на Србија. Министерот за надворешни работи Сикорски истакна дека полското претседателство сака да ги поддржи сите други земји-кандидати на нивниот пристапен пат. Во соопштението на Полското МНР Македонија не е спомената во никаква констелација. Овие детали од разговорот на Сикорски со Кос се во согласност со најавите што претходно ги даваа полските претставници за плановите на претседателството околу динамиката на проширувањето.
Шефот на полската дипломатија истакна дека синхронизирањето на надворешната политика со вредностите на ЕУ е клучен услов за пристапување за сите кандидати. „Членството во ЕУ не е обврска, туку слободен избор што го прават една земја и нејзините граѓани. Кога ќе одлучите да се придружите, мора да ги прифатите овие општи правила. За жал, забележуваме некои негативни трендови во политиката на проширување, на кои мора да се спротивставиме заедно со Европската комисија и заинтересираните земји-членки“, додал Сикорски.
Марта Кос го уверила полскиот шеф на дипломатијата дека има за цел да донесе нов поттик во процесот на проширување – за време на нејзиниот четиригодишен мандат, таа би сакала да затвори 100-200 поглавја од преговорите со земјите кандидати. Според нејзиното мислење, процесот на проширување напредуваше премногу бавно во последните години. Во изминатите 12 години, осум поглавја беа затворени со сите кандидати, од кои три со Црна Гора во декември 2024 година.
Тие зборувале и за Источното партнерство, иницијатива која е потребно да се ажурирање и прилагоди на новата геополитичка ситуација, а особено ЕУ да ја направи понудата за Ерменија поатрактивна.
Преземено од Независен.мк